Нуклеарен фузиски реактор го собори сопствениот рекорд и го доближи човештвото еден чекор поблиску до речиси неограничена чиста енергија.
Кинескиот реактор „вештачко сонце“ го собори сопствениот светски рекорд во одржување на супержешка плазма, означувајќи уште една пресвртница на долгиот пат кон речиси неограничена чиста енергија.
Кинескиот токамак е реактор со магнетно ограничување, дизајниран за одржување на плазма во континуирано согорување во подолг временски период. Ваквите реактори никогаш не постигнале самозапалување – точка кога нуклеарната фузија сама произведува енергија и ја одржува својата реакција – но новиот рекорд е чекор кон одржување на долготрајни, контролирани циклуси на плазма што ќе им бидат потребни на идните реактори за производство на електрична енергија.
Експерименталниот напреден суперпроводлив токамак (EAST), нуклеарен фузиски реактор, одржа стабилен и многу контролиран циклус на плазма цели 1066 секунди. Тоа е повеќе од двојно подобро од претходниот најдобар резултат од 403 секунди, јавуваат кинеските државни медиуми.
Термонуклеарен експериментален реактор
За најновиот рекорд, истражувачите направија неколку надградби на реакторот, вклучително и двојно зголемување на моќноста на системот за загревање. Овие податоци ќе се користат за развој на други реактори.
Во 2022 година, американскиот фузиски реактор National Ignition Facility (NIF) накратко постигна самозапалување преку брзи енергетски удари, но реакторот како целина сè уште трошеше повеќе енергија отколку што произведуваше.
Кина е вклучена во програмата за Меѓународниот термонуклеарен експериментален реактор (ITER), а реакторот кој се гради на југот на Франција содржи најмоќниот магнет во светот и ќе биде пуштен во употреба најрано во 2039 година. Проектот е наменет за истражувачки цели, но може да го отвори патот за фузиски електрани.