Претседателот на Xiaomi потврди дека нивниот најмоќен мобилен телефон досега ќе пристигне на глобалниот пазар и дека неговото претставување ќе биде по кинеската Нова година.
Xiaomi 14 Ultra беше претставен во Кина минатата година во февруари, само неколку дена пред глобалното деби на MWC во Барселона. Иако неговиот наследник, Xiaomi 15 Ultra, сè уште не е официјално претставен, претседателот на Xiaomi, Лу Веибинг, потврди дека и тој ќе пристигне на глобалниот пазар, исто како и неговиот претходник.
Иако сè уште нема официјален датум за претставување, Веибинг изјави дека тоа ќе се случи по кинеската Нова година, која во 2025 година се паѓа на 29 јануари. Сепак, треба да се има предвид дека овој државен празник во Кина трае до 4 февруари, што значи дека за време на празникот нема да има големи настани или претставувања.
Според GSM Arena, постои реална можност претставувањето да се одложи до крајот на февруари или почетокот на март, кога се одржува MWC во Барселона.
Спецификациите на новиот Ultra на Xiaomi сè уште не се потврдени, но според гласините, ќе биде опремен со Snapdragon 8 Elite, 2K OLED дисплеј со стапка на освежување од 120 Hz и батерија со капацитет од 6.000 mAh со поддршка за жично полнење од 90 W и безжично полнење од 50 W.
Што се однесува до камерите, се очекува Xiaomi 15 Ultra да има главна камера со 1-инчен Sony сензор Lytia LYT-900, ултраширока камера со 50-мегапикселен Samsung сензор ISOCELL JN5 и две телефото камери – една со 50 MP и друга со 200 MP со 100x хибриден AI зум.