Windows 11 воведува икони во боја кои на прв поглед го прикажуваат статусот на батеријата. Зелената боја означува дека уредот се полни, жолтата дека батеријата е под 20%, а црвената укажува на критично ниско нивo.
Microsoft претставува нова верзија на Windows 11 Insider Preview Build со унапредени икони за батеријата, што може да им помогне на корисниците да избегнат прекини поради испразнета батерија, неправилно приклучување на полначот или користење неисправни приклучоци.
Традиционалната црна икона за батеријата сега е заменета со тробоен систем „дизајниран за да го прикаже статусот на батеријата на вашиот компјутер на прв поглед“, објавува Microsoft на својот Windows блог. Зелената икона покажува дека уредот се полни и е „во добра состојба,“ жолтата се појавува кога батеријата ќе падне под 20% и преминува во режим на заштеда на енергија, додека црвената сигнализира „критично низок статус“ и итна потреба од полнење.
Новите икони во боја ќе се прикажуваат на Taskbar, во прозорецот Quick Settings и во генералните поставки на Windows. Microsoft, исто така, планира овие икони да ги имплементира на заклучениот екран кога уредот е во подолг режим на мирување, но оваа функционалност ќе биде достапна во идно ажурирање.
Денешната верзија воведува уште две подобрувања за иконата на батеријата. Прво, Microsoft го поедностави приказот на иконата, така што симболот на гром кој го означува полнењето повеќе не го блокира приказот на преостанатиот капацитет на батеријата. Второ, додадена е можноста за прикажување на процентот на наполнетост на батеријата веднаш до иконата во системската лента. Оваа опција може да се активира преку Settings > Power & battery со вклучување на новата опција „Battery Percentage.“
Microsoft објавува дека ова е одговор на „многу барана функција од страна на Insider корисниците“ и претставува значителен напредок во однос на постоечката икона за батеријата, која нудеше минимални информации и нејасен приказ на преостанатиот капацитет. Боите веднаш ќе сигнализираат кога лаптопот почнал да се полни, додека црвената икона со едноцифрен процент јасно ќе укажува на потребата од итно полнење.
Ажурирањата за иконата на батеријата веќе се достапни за Windows Insider корисниците во Dev каналот. За пошироката јавност ќе биде потребно повеќе време пред да пристигнат, со можни дополнителни измени пред да бидат достапни за сите корисници. Microsoft објаснува дека „искуството моментално не е достапно за сите Insider корисници, бидејќи планираме да ги следиме повратните информации пред да го пуштиме за сите,“ пишува The Verge.