Иако е студен и негостољубив, Марс крие природни феномени што не постојат никаде на друго место во Сончевиот систем. Сондата на NASA – Mars Reconnaissance Orbiter сними фасцинантни CO₂ гејзири, кои ја обликуваат површината на Црвената планета на начини незамисливи на Земјата.
Марсовата атмосфера е тенка и се состои од 95% јаглерод диоксид (CO₂). Во текот на зимата, CO₂ се замрзнува и ја прекрива површината, особено на поларните капи, каде што останува заробен со месеци. Како што се приближува пролетта, сончевата светлина продира низ проѕирниот слој од CO₂ мраз (сув мраз), загревајќи ја почвата под него. Ова доведува до сублимација, при што замрзнатиот CO₂ директно преминува во гас, кој се акумулира под мразот и создава притисок.
Кога гасот конечно ќе најде слаба точка во слојот мраз, доаѓа до ерупција во форма на моќни гејзири, кои исфрлаат темен материјал на површината и оставаат необични траги. Некои од овие гејзири формираат темни дамки со пречник до 1 км, додека други достигнуваат брзини до 160 км/ч.
Една од најбизарните форми што настануваат по овие ерупции наликува на пајаколики структури, поради што научниците овој терен го нарекле „аранеифоремен терен“ (од латинскиот збор aranea – пајак). Овие формации се појавуваат во групи, создавајќи браздеста и набрана површина.
Научниците на NASA успешно ги симулирале овие процеси во лабораториски услови за подобро да ги разберат. Според Киферовиот модел, наречен по научникот Хју Кифер, CO₂ гејзирите настануваат кога гасот под притисок се акумулира под слојот мраз, сè додека не дојде до нагло пукање и исфрлање на материјалот на површината.
„Овие појави се целосно незамисливи на Земјата,“ наведуваат авторите на студијата од 2006 година објавена во списанието Nature.
Додека Земјата и нејзините природни пејзажи се ненадминливи во својата убавина, Марс ни нуди глетки кои изгледаат како од научно-фантастичен филм – гејзири и облици што се целосно уникатни во Сончевиот систем, пишува Universe Today.