Сите корисници на ChatGPT (и оние што го користат бесплатно и оние што плаќаат), ќе можат да го испробаат o3-mini и неговите можности.
По лудиот викенд во светот на вештачката интелигенција, во кој кинескиот DeepSeek ги наруши плановите на многу големи ИТ играчи и покажа дека може да се направи AI модел за многу помалку пари отколку што досега се тврдеше (иако за квалитетот на тој модел може да се дебатира), OpenAI брзо реагираше и во јавноста го пушти својот нов AI модел.
Поточно, го претставија o3-mini, минијатурна верзија на нивниот претстоен нов AI модел. Како што појаснија, се работи за „мал модел на резонирање“ кој користи процес сличен на човечкиот тек на мисли за да ги изврши задачите што поточно.
Во објавата на блогот наведоа дека очекуваат o3-mini да биде особено корисен за задачи од областа на науката, математиката и кодирањето. Тврдат дека нивните тестови покажале дека o3-mini е подобар од својот претходник 01-mini, а во одредени аспекти и од целосниот o1 модел. Како што објаснија, o3-mini нуди три нивоа на „размислување“ – ниско, средно и високо, а на корисниците останува да одлучат кое ќе го користат. Ниското ниво, според нив, дава најбрзи резултати, но е фокусирано само на одредено подрачје, додека високото ниво дава „поинтелигентни“ одговори, но за тоа му е потребно повеќе време.
Сите корисници на ChatGPT (и оние што го користат бесплатно и оние што плаќаат), ќе можат да го испробаат o3-mini и неговите можности. Засега не е јасно дали o3-mini ќе остане трајно достапен за корисниците што го користат ChatGPT бесплатно или само ограничено време.
Да потсетиме, OpenAI оваа недела лансираше и специјално дизајниран ChatGPT Gov, кој е прилагоден за американската влада, односно „им дава дополнителен пристап на владините агенции до главните модели на OpenAI“. ChatGPT Gov нема да биде достапен за корисниците надвор од владините системи. Според нив, повеќе од 90 илјади корисници од федерални, државни и локални владини агенции веќе го користат ChatGPT во секојдневната работа.
Фактот дека OpenAI сè повеќе навлегува во функционирањето на владините агенции го потврдува и податокот дека нивните постоечки и идни AI модели ќе го користат суперкомпјутерот Venado, кој ќе биде изграден во Националната лабораторија Лос Аламос – позната како местото каде што била создадена атомската бомба. Овој суперкомпјутер треба да биде дизајниран за „поттикнување научни откритија во материјалните науки, обновливите извори на енергија, астрофизиката и други области“. AI моделите што ќе се користат на овој компјутер ќе бидат „поддршка на програмата за нуклеарна безбедност во Лос Аламос“, но ќе можат да ги користат само службеници со исклучително висок степен на безбедносно одобрување.