Проектот за кој и онака не се знаеше многу наводно е откажан, бидејќи хардверот потребен за извршување задачи од доменот на проширената реалност, како што бил замислен од компанијата, не би можел да се вклопи во компактни очила.
Паметните очила со проширена реалност, со кои Apple требаше да му конкурира на проектот Orion на Meta, сепак нема да излезат од развојните лаборатории на компанијата. Само неколку дена по објавата дека Apple работи на прилагодена верзија на оперативниот систем VisionOS, наменет токму за паметни очила, познатиот аналитичар и новинар Марк Гурман сега тврди дека компанијата се откажала од развојот на вакви очила.
Причината за таквата одлука лежи во фактот што хардверот потребен за работа на VisionOS и создавање на ефект на проширена реалност според стандардите за квалитет на Apple, едноставно не би можел да се смести во компактен дизајн сличен на класичните очила. Очилата со проширена реалност, според заклучокот на инженерите на Apple, би морале да имаат перформанси споредливи со iPhone, но со само една десетина од потрошувачката на енергија. Тоа не би било изводливо бидејќи чипот, сместен во компактно куќиште на очилата, значително би се прегревал. Дополнителен предизвик би било вградувањето доволно моќна батерија, што би го направило производот претежок.
Apple првично, според информациите на Гурман, разгледувал паметни очила што би се поврзувале со iPhone. Потоа заклучиле дека телефонот нема доволно процесорска моќ ниту батериски капацитет за такво нешто, па се префрлиле на уред што би се поврзувал со Mac компјутери. Сепак, ваквото решение не било практично, додека самостојните очила со сета потребна хардверска опрема во нив – како што веќе беше спомнато – моментално не се физички изводливи.
Сето тоа довело до гасење на проектот за кој се зборуваше речиси една деценија и за кој некои тврдеа дека е „следната голема работа“ по iPhone. Со запирањето (привремено или трајно, не е сосема јасно) на работата на паметните очила, напорите ќе се насочат кон новата генерација на не премногу пазарно успешниот уред Vision Pro.