Повлекувањето на Bluetooth од S Pen на новиот Galaxy S25 Ultra потенцијално претставува прв чекор кон негово целосно укинување, што би ги разочарало поранешните љубители на Note.
Samsung за првпат го воведе S Pen во 2011 година со претставувањето на првиот Galaxy Note. Стануваше збор за телефон што го означи почетокот на легендарната серија Galaxy Note, која го популаризираше „квадратестиот“ облик на телефоните и употребата на стилус на паметни телефони, а потоа ги постави темелите и за подоцнежните модели Note и сегашните Ultra.
Иако Samsung официјално ја пензионираше серијата Note во 2022 година, S Pen остана „во живот“ благодарение на Galaxy S22 Ultra, кој претставуваше своевиден духовен наследник на стариот Note. Веќе тогаш беше јасно дека Ultra целосно ќе го замени Note и дека главен фактор ќе ѝ биде токму S Pen, сè до неодамнешното претставување на Galaxy S25 Ultra, кога сериозно почна да се шпекулира дека Samsung сака – да се ослободи од него.
Имено, Samsung уште во 2018 година во S Pen вгради Bluetooth, жироскоп и акцелерометар, кои им овозможија на корисниците да го контролираат телефонот без да го допираат екранот. Благодарение на овие функции, корисниците можеа да сликаат фотографии со помош на S Pen, да менуваат слајдови во презентации, да паузираат и пуштаат видеа, да навигираат низ менија со гестови во воздух и слично. Но, S Pen на неодамна претставениот Galaxy S25 Ultra веќе ги нема тие можности.
Како што пренесува GSM Arena, Samsung тврди дека само 1% од сопствениците на нивните телефони ги користат овие функции на S Pen, поради што на крајот одлучиле да ги отстранат. Сепак, тоа е прилично слаб аргумент бидејќи тој 1% всушност претставува голем број луѓе, веројатно неколку стотици илјади, а освен тоа, јужнокорејската компанија не се потрудила да додаде нови функции што би го компензирале изостанокот на поддршка за споменатите функции. На новите корисници им советуваат за далечинско сликање да користат, ни помалку ни повеќе, туку нивниот Galaxy Watch, што значи дополнителен, а за некои и непотребен трошок.
И покрај тоа што S Pen сè уште е многу добар стилус со поддршка за речиси 5.000 нивоа на чувствителност на притисок, историјата покажува дека отстранувањето на функции никогаш не е добар знак. Веќе се појавуваат гласини дека постои можност да ја видиме претстојната Galaxy S26 Ultra без S Pen, при што Samsung би го искористил просторот предвиден за стилусот за поголема батерија и дополнителна оптимизација на другите внатрешни компоненти.
Од друга страна, постои можност Samsung да планира нов, самостоен S Pen кој би работел со повеќе уреди, потенцијално преку специјални футроли со лежиште за стилусот. Сепак, засега сè укажува на тоа дека S Pen во својата досегашна форма е при крај. Дали целосно ќе исчезне или пак Samsung нè подготвува за нова верзија на стилусот, ќе дознаеме наскоро.