Новиот интернет-прелистувач на Opera поттикнува „mindfulness“, го одделува корисникот од стресната и напорна работа и го потсетува дека понекогаш треба да земе здив и да си посвети момент за себе и својот внатрешен мир
Дозволете си простор, разбудете го умот, обновете ја енергијата, пронајдете го својот ритам, издигнете се над бучавата – тоа се пораките што би ги очекувале од некој духовен водач на сесија за опуштање, а не од еден интернет-прелистувач. Сепак, Opera ги искористи токму овие пораки за претставување на своето ново решение, наречено Opera Air, прелистувач кој во центарот на искуството со веб-прелистување го става корисникот, неговиот душевен мир, освестувањето, промисленоста и вниманието – со еден збор, mindfulness.
Прелистувач за намалување на стресот
Opera Air е првиот интернет-прелистувач кој не сака да ве „бомбардира“ со допамин, туку да ве опушти, да му овозможи на мозокот да одмори, на срцето да забави, а на дишењето да се стабилизира. Тоа е алатка слична на класичниот Opera-прелистувач, со бесплатен VPN, блокирање на реклами и следење на корисничкото однесување, како и сѐ друго што му е потребно на модерниот корисник, но со интерфејс базиран на менталното здравје на поединецот.
Прелистувачот одвреме-навреме ќе го потсетува корисникот дека треба да направи пауза, да изврши вежби за дишење, медитација, да се раздвижи или едноставно кратко да престане со работа и сурфање. Исто така, ќе нуди водство за време на тие паузи, ќе репродуцира бинаурална музика која го стимулира мозочниот процес и ја подобрува креативноста, го намалува стресот и ја поттикнува концентрацијата.
Корисничкиот интерфејс е максимално поедноставен, во склад со скандинавските принципи на дизајн, со транспарентни елементи што се приспособуваат на позадината на отворените веб-страници, создавајќи ненаметлив и смирен изглед.
Opera Air веќе е достапен за преземање, иако во рана фаза на развој, на официјалната веб-страница на Opera и е достапен исклучиво во десктоп-верзија за Windows и macOS.