Ударна вест денеска е дека преклопниот iPhone на Apple ќе има екран од 12 инчи и револуционерен дизајн, со што пазарот на телефони со флексибилни екрани повторно доаѓа во фокусот на вниманието на најпребирливите корисници.
Најновите информации сугерираат дека преклопниот iPhone ќе користи дизајн со преклопување на екранот налево и надесно, слично како кај серијата Samsung Z Fold.
Веќе подолго време кружат гласини дека Apple развива преклопен iPhone, но точниот датум на неговото лансирање сè уште не е познат. Сепак, најновите податоци покажуваат дека љубителите на Apple уредите се чекор поблиску до овој иновативен уред.
Според најновите извештаи, Apple моментално избира добавувачи на екрани за својот преклопен iPhone, а конечната одлука се очекува да биде донесена во периодот од февруари до април. Исто така, инсајдерски извори на мрежата X откриваат дека Apple нема да користи мал преклопен дизајн, таканаречениот „Flip“, туку формат на преклопување налик книга („Fold“).
Клучни спецификации – 12-инчен екран и двојна батерија
Инсајдерот QQ_Timmy објави детални спецификации за преклопниот iPhone. Според неговите тврдења, внатрешниот екран ќе има дијагонала од околу 12 инчи кога е целосно расклопен, што е еквивалентно на два споени екрани од 6,1 инчи. Кога е преклопен, уредот ќе биде дебел 9,2 mm, додека најтенкиот дел во расклопена состојба ќе изнесува само 4,6 mm.
Се очекува екранот да користи Samsung панел, а уредот ќе има вградена двојна батерија со вкупен капацитет од 5.000 mAh. Во однос на камерите, моментално се споменуваат само широкоаголна и ултраширокоаголна камера, без информации за евентуално телефото леќа.
Нема планови за помал Flip iPhone, но пристигнуваат преклопни iPad и MacBook
Според достапните информации, Apple нема намера да развива помал преклопен iPhone во блиска иднина. Наместо тоа, компанијата се фокусира на Fold дизајнот како главна насока на развој.
Планирано е преклопниот iPhone да биде лансиран во 2026 година, со почетно производство помеѓу 800 илјади и 10 милиони единици. До 2027 година, производството би можело да достигне 20 милиони примероци.
Покрај тоа, Apple планира да воведе преклопни верзии на iPad и MacBook уредите во 2027 година. Иако точноста на овие информации сè уште не е потврдена, фактот што ги поддржува познатиот аналитичар Минг-Чи Куо укажува на тоа дека преклопниот iPhone навистина доаѓа. Останува да видиме како Apple ќе го унапреди овој концепт и дали ќе успее да го редефинира пазарот на преклопни уреди.