Новиот извештај на аналитичката компанија Gartner наведува дека Samsung во 2024 година повторно ја презеде позицијата на најголем производител на полупроводници во светот, со најголем пазарен удел од 10,5 проценти.
Откако во 2023 година ја загуби водечката позиција од Intel, Samsung во 2024 повторно се врати на тронот како најголем светски производител на полупроводници. Според новиот извештај на Gartner, јужнокорејската компанија обезбеди најголем пазарен удел од 10,5 проценти, со вкупен приход од 66,5 милијарди долари.
Клучен фактор за растот беше опоравувањето на цените на мемориските чипови, што резултираше со зголемување на испораките за импресивни 62,5 проценти во споредба со претходната година.
Како што пренесува GSM Arena, иако Samsung е клучен снабдувач на различни видови чипови, во изминатите години загуби некои договори со големи клиенти, како Nvidia, поради проблеми со прегревање на HBM мемориските чипови, кои се клучна компонента во производството на GPU-уреди за примена во вештачка интелигенција.
Овие проблеми сега наводно се решени, а Samsung веќе доби сертификација од Nvidia, што дополнително би можело да ја зголеми продажбата во наредниот период. Сепак, во меѓувреме се појавија и други предизвици, како усовршувањето на 3-нанометарскиот производствен процес, каде што Samsung значително заостанува зад конкуренцијата.