Футуристичкиот Filante Record 2025 изгледа како електричен Бетмобил, тежи само една тона и има револуционерно решение за седиштето што се прилагодува на телото.
Дали некогаш сте посакале да возите Бетмобил? Renault можеби токму сега ви ја исполнува таа желба – во електрична верзија! Францускиот производител на автомобили го претстави својот најнов концепт, Filante Record 2025, електрично возило што изгледа како да излегло директно од страниците на стрип-роман.
Овој футуристички едносед е долг импресивни 511,8 сантиметри, но висок само 119,1 сантиметар.
Најфасцинантниот детал на ова електрично чудо е седиштето во стил на висечка мрежа. Да, добро прочитавте – наместо класично седиште, возачот седи на ткаенина затегната со јаглеродни влакна, кои се прилагодуваат на телото. Замислете да возите автомобил додека седите во најудобната лежалка на светот!
Како што се очекува, ниту воланот не е класичен круг – овој модел има футуристички управувач со рачки од страните, кој користи „steer-by-wire“ и „brake-by-wire“ системи.
И покрај застрашувачкиот изглед, Filante Record тежи само 1.000 килограми, од кои батеријата сочинува цели 600 kg. Каросеријата е изработена од јаглеродни влакна, а некои делови се 3D-штампани со легура од алуминиум наречена Scalmalloy.
Посебно впечатлива е бојата на возилото, која, зависно од аголот на гледање и количината на светлина, преминува од сина во виолетова, создавајќи илузија на движење дури и кога автомобилот стои во место.
Renault планира да го тестира овој електричен Бетмобил во аеродинамични тунели оваа пролет, а обидите за поставување нови рекорди се закажани за втората половина на 2025 година. Дотогаш, можете да го видите на саемот Rétromobile во Париз, каде веројатно привлекува повеќе погледи отколку Ајфеловата кула.
И да, ако се прашувате како се влегува во овој автомобил – кокпитот се подига заедно со воланот, што значи дека нема да треба да бидете акробат за да седнете зад управувачот, пишува New Atlas.