Додека кинеските производители веќе користат силициум-јаглеродни батерии со голем капацитет, Samsung сè уште не се „качил на тој воз“. Сепак, тоа би можело да се промени веќе следната година.
Samsung сериозно размислува за зголемување на капацитетот на батеријата кај моделите од серијата Galaxy S26 преку промена на батериската технологија. Според информациите на FNNews, јужнокорејската компанија би можела да прифати решение базирано на силициум-јаглерод, што потенцијално би можело да овозможи батерии со капацитет до 7.000 mAh.
Станува збор за батериска технологија која заменува графит со силициум во катодниот материјал, со што се зголемува капацитетот. Првично, ваквите батерии имаа значително повисоки трошоци за производство и недоволна искористеност, но бидејќи релативно неодамна почнаа да ги користат кинески производители како Xiaomi, Vivo и OnePlus, само е прашање на време кога ќе им се приклучат и останатите.
FNNews наведува дека Samsung досега имал доста претпазлив пристап кон силициум-јаглеродните батерии, главно затоа што произведува далеку повеќе мобилни уреди од своите кинески ривали, па е поголема шансата нешто да тргне наопаку. Сличен пристап Samsung применува и во однос на брзините на полнење, кои според денешните стандарди се прилично скромни.
Инаку, треба да се има предвид дека многу корисници со нетрпение очекуваат Samsung да го зголеми капацитетот на батеријата и брзината на полнење. Новиот Galaxy S25 Ultra беше претставен со батерија од 5.000 mAh и полнење од 45 W, истата батерија што беше користена во пет години стариот Galaxy S20 Ultra. Слично на тоа, основниот Galaxy S25 доаѓа со батерија од 4.000 mAh и поддршка за полнење од 25 W, исто како и неговиот претходник од 2020 година.
Единствено Galaxy S25+ низ годините добиваше постепени подобрувања во сегментот на батеријата, и покрај тоа што сè уште останува најмалку посакуваниот модел во тројката премиум уреди на Samsung.