Велика Британија и САД не потпишаа меѓународен договор за регулација на вештачката интелигенција (AI) на самитот во Париз, додека Франција, Кина и Индија ја поддржаа иницијативата, што ги истакна сè поизразените разлики во пристапите кон регулацијата на AI.
Велика Британија и Соединетите Американски Држави не го потпишаа меѓународниот договор за вештачка интелигенција (AI) на глобалниот самит во Париз, додека бројни други земји, вклучувајќи ги Франција, Кина и Индија, се приклучија на иницијативата. Овој документ поставува основи за „отворен“, „инклузивен“ и „етички“ пристап кон развојот на AI технологијата.
Британската влада со кратко соопштение ја објасни својата одлука, наведувајќи загриженост во врска со националната безбедност и глобалното управување со AI. Истовремено, американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс на самитот изјави дека прекумерната регулација може да ја „задуши индустријата во момент кога таа допрва почнува да се развива“. Тој нагласи дека администрацијата на Доналд Трамп не сака да ја пропушти можноста што ја нуди AI, туку ќе даде приоритет на „регулативи за AI што поттикнуваат раст“, наместо на построги безбедносни мерки.
Францускиот претседател Емануел Макрон изрази спротивно мислење, истакнувајќи ја потребата од јасни правила за да може AI да се развива на безбеден и одржлив начин. Оваа разлика во пристапите укажува на подлабоки несогласувања помеѓу САД и европските земји во однос на регулацијата на технологијата.
Одлуката на британската влада да не го потпише договорот предизвика реакции во земјата. Ендру Дадфилд од организацијата Full Fact смета дека Велика Британија со тоа може да ја загрози својата позиција како лидер во развојот на безбеден и етички AI. Од друга страна, Британското здружение на AI компании (UKAI) ја поддржа одлуката на владата, истакнувајќи дека е неопходно да се пронајде рамнотежа помеѓу еколошката одговорност и енергетските потреби на индустријата.
Самиот договор, кој го потпишаа 60 земји, нагласува цели како намалување на дигиталните нееднаквости, обезбедување транспарентност и безбедност во развојот на AI технологијата, како и нејзино одржливо користење. За првпат на еден глобален самит беше поставено и прашањето за огромната потрошувачка на енергија што AI може да ја генерира во иднина.
Британската влада во своето соопштение нагласи дека се согласува со поголемиот дел од декларацијата, но смета дека не е доволно прецизна кога станува збор за глобалното управување и предизвиците што AI ги поставува за националната безбедност. Сепак, Велика Британија потпиша други договори на самитот, вклучително и оние поврзани со одржливост и сајбер-безбедност.
Во поширок контекст, самитот во Париз се одржува во момент кога светот балансира помеѓу економските придобивки што ги носи вештачката интелигенција и ризиците што таа може да ги предизвика. Прашањето за регулацијата станува сè поважно, а Европа настојува да биде предводник во создавањето рамка што ги комбинира иновациите и безбедноста. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, истакна дека европскиот пристап кон AI ќе вклучува соработка и поддршка за отворени технологии.
Покрај технолошките теми, самитот се одвива во атмосфера на зголемени трговски тензии помеѓу САД и Европа, дополнително отежнати со одлуката на администрацијата на Трамп да воведе царини на челик и алуминиум. Велика Британија се обидува да одржи рамнотежа помеѓу зачувувањето на добрите односи со САД и зајакнувањето на соработката со Европската унија, што дополнително ја комплицира нејзината позиција во однос на AI регулативите, пренесува BBC.