Alibaba и Apple склучија партнерство што ќе овозможи продажба на iPhone во Кина со вештачка интелигенција прилагодена на кинескиот пазар. Ова е единствениот начин Apple да продава iPhone со AI во Кина, бидејќи не доби зелено светло од кинеските регулатори за користење на својот сопствен AI систем.
Кинеската верзија на Apple Intelligence треба да го користи моделот Qwen на Alibaba, кој е дел од семејството јазични модели Tongyi Qianwen. Apple е принуден да го прилагоди својот систем за вештачка интелигенција, кој во моментов не е достапен за кинеските корисници поради регулаторните ограничувања. Ова е еден од факторите за послабата продажба во текот на клучната празнична сезона, што доведе до намалување на приходите на Apple во овој регион. За Apple, ова прашање е особено важно, бидејќи кинескиот пазар носи 15% од вкупните приходи на компанијата. За соработката известува The South China Morning Post.
Моделот Qwen на Alibaba победи
Во потрагата по решение, Apple разгледуваше соработка со повеќе кинески технолошки компании, вклучувајќи ги ByteDance, Baidu и Tencent, но Alibaba се истакна со својата богата база на кориснички податоци и напредните можности во областа на вештачката интелигенција. Нивниот модел Qwen веќе се има докажано на меѓународните тестирања и е основа за неколку водечки системи со отворен код, со што Alibaba ја потврдува својата водечка позиција во кинескиот AI сектор.
Новиот AI систем ќе биде посебно прилагоден за кинеските корисници на iPhone, а пред неговото пуштање во јавност мора да помине регулаторна проверка. Аналитичарите од Morgan Stanley сметаат дека оваа соработка би можела да биде клучна за позицијата на Apple на кинескиот пазар.
Високи влогови за двете компании
Apple се обидува да го спречи падот на својот пазарен удел, особено поради конкуренцијата од домашните производители како Huawei, додека Alibaba ја добива можноста да ги покаже своите AI технологии на глобално ниво и да ја зацврсти својата позиција во областа на облачното компјутерство. Пазарот веќе го препозна потенцијалот на оваа соработка, а акциите на двете компании забележаа раст по објавата на веста.
Повеќе детали за AI иницијативите, Apple планира да претстави на конференцијата за развивачи во Шангај на 25 март. Се очекува тогаш да биде најавено и официјалното пристигнување на системот Apple Intelligence на кинескиот пазар.