Иако Qualcomm Snapdragon 6 Gen 4 е наменет за смартфоните од понискиот ранг, може да се пофали со новата ARMv9 архитектура и фактот дека е произведен со 4-нанометарскиот процес на TSMC.
Qualcomm го претстави Snapdragon 6 Gen 4, SoC наменет за телефони од понискиот ранг, кој носи значителни подобрувања во перформансите, енергетската ефикасност, AI функциите и камерите. Ова е првиот SoC од серијата Snapdragon 6 што е произведен со 4-нанометарскиот процес на TSMC.
Snapdragon 6 Gen 4 користи нова архитектура ARMv9. Примарното јадро е Cortex-A720 со работна фреквенција од 2,3 GHz, додека трите дополнителни Cortex-A720 јадра работат на 2,2 GHz. Покрај нив, четири Cortex-A520 јадра работат како „мали“ јадра со фреквенција од 1,8 GHz. Иако CPU-то постигнува 11% подобри резултати во споредба со претходната генерација SoC, најголемиот скок доаѓа од новиот Adreno GPU, кој овозможува дури 29% подобри графички перформанси. Потрошувачката на енергија треба да биде намалена за 12%.
Новиот SoC на Qualcomm е прв во серијата што има поддршка за INT4, што овозможува користење на оптимизирани AI модели со поголем број параметри во рамките на ограничена количина RAM меморија. Кога веќе станува збор за RAM, Snapdragon 6 Gen 4 поддржува до 16 GB LPDDR5 RAM со брзина до 3.200 MHz, а како поевтина опција достапна е и поддршка за LPDDR4X меморија до 2.133 MHz. За внатрешна меморија е поддржан UFS 3.1 стандардот, а што се однесува до жичната поврзаност, поддржан е USB-C 3.1 со можност за поврзување на надворешен екран со резолуција до 4K при 60 Hz, како и поддршка за 10-битни бои и HDR10+.
Во однос на прикажувањето, Snapdragon 6 Gen 4 поддржува екрани со максимална резолуција 1080p+ и фреквенција на освежување од 144 Hz. Играчите со ограничен буџет особено ќе го ценат тоа што Adreno GPU-то вградено во SoC-от поддржува зголемување на резолуцијата на игрите со функцијата Snapdragon Game Super Resolution и генерирање на дополнителни FPS со Adreno Frame Motion Engine.
За љубителите на фотографијата и видеото, SoC-от доаѓа со троен 12-битен ISP и поддршка за сензори на камери до 200 MP. Снимањето видеа е поддржано во 4K HDR резолуција при 30 FPS, со поддршка за HDR10 и HLG формати, додека фотографиите користат 10-битен HEIF формат. Хардверски е забрзано декодирањето на H.265 и VP9 формати, но не и на AV1.
Snapdragon 6 Gen 4 ќе има и поддршка за 5G (sub-6GHz и mmWave) со брзини на преземање до 2,9 Gbps, како и Wi-Fi 6E и Bluetooth 5.4 со aptX Adaptive технологија. Првите производители што ќе претстават телефони со овој SoC ќе бидат Realme, Oppo и Honor. Според неофицијални информации, овие уреди ќе се продаваат по цена од 100 до 150 евра, што го прави Snapdragon 6 Gen 4 еден од најдостапните 4-нанометарски SoC-ови на пазарот.