Apple и Google го вратија TikTok во продавниците и покрај законот што бара продажба на американскиот бизнис и ја забранува апликацијата на американскиот пазар. Нејасно е како ќе избегнат казни…
Популарната платформа за споделување видеа, која привремено беше отстранета од продавниците на Apple и Google за американскиот пазар, повторно е достапна за американските корисници, пренесе ексклузивно Bloomberg.
Apple и Google постапија во согласност со законот
Отстранувањето на апликацијата се случи откако Apple и Google постапија во согласност со законот донесен во 2024 година. Законот, наречен “Protecting Americans from Foreign Adversary Controlled Applications Act”, бараше ByteDance, кинеската матична компанија на TikTok, да го продаде своето американско бизнис работење или да се соочи со ограничувања поради загриженост за националната безбедност. На 20 јануари, Трамп издаде извршна наредба со која му наложи на државниот обвинител да ја стопира примената на законот за 75 дена.
Нема да бидат казнет и покрај законот?
Иако постојните корисници можеа да пристапат до TikTok, Apple и Google првично беа претпазливи во враќањето на апликацијата поради правните импликации. Законот предвидуваше значителни граѓански казни за компании што дистрибуираат или одржуваат апликации под контрола на странски субјекти. Сепак, изгледа дека во позадина биле водени преговори, што резултирало со избегнување на строги казни. Засега не е јасно како Apple и Google добиле гаранции дека нема да бидат казнети, и покрај важечкиот закон усвоен од Конгресот.
Од 13 февруари 2025, двете најголеми продавници за апликации повторно го вратија TikTok, при што Apple го потврди враќањето на апликацијата во четврток навечер.
Рок до 5 април 2025 година
Се очекува како ќе се реализира предложената структура на Трамп, според која САД би задржал 50% од уделот во TikTok преку заедничка инвестиција. ByteDance засега не покажува намера да ја продаде компанијата. Рокот за усогласување е продолжен до 5 април 2025 година, што овозможува дополнително време за преговори меѓу TikTok и американските власти за можни услови што би ги решиле безбедносните загрижености, а притоа би го задржале работењето на платформата во САД.