Иако се сметаше дека OnePlus Open 2 ќе биде претставен оваа година, раководителот на производи во компанијата потврди дека тоа сепак нема да се случи.
OnePlus во октомври 2023 година го претстави својот прв преклопен телефон, OnePlus Open, кој всушност претставуваше глобална верзија на моделот Find N3 од Oppo. Бидејќи Oppo следната недела во Кина го претставува Find N5, се очекуваше дека OnePlus наскоро ќе го претстави Open 2 како глобална верзија, но тоа сепак нема да се случи.
Имено, раководителот на производи во OnePlus, Vale G, потврди дека компанијата паузира со производството на преклопни телефони и дека годинава нема да го претстави Open 2.
„Внимателно го разгледавме временскиот распоред и следните чекори во сегментот на преклопни уреди и донесовме одлука дека оваа година нема да лансираме нов преклопен модел. Иако ова може да биде изненадување, веруваме дека тоа е вистинскиот пристап во овој момент“, изјави Vale G.
Тој исто така нагласи дека OnePlus во моментов се подготвува за нови иновации и потврди дека постојните корисници на OnePlus Open и понатаму ќе добиваат редовни софтверски ажурирања и безбедносни закрпи.