PlayStation 5 за три месеци е продаден во 9,5 милиони примероци, приближувајќи се до продажбата на PS4 конзолите во истиот период.
Последниот финансиски извештај на Sony покажува одлични резултати. Во периодот од октомври до декември минатата година, продадени се 9,5 милиони примероци од PlayStation 5, што го прави тоа тримесечје комерцијално најуспешно откако PS5 е лансиран на пазарот. Благодарение на рекордната продажба, вкупниот број продадени примероци на најновата Sony конзола достигна 75 милиони. Со тоа, Sony ја зацврстува својата доминација на пазарот на конзоли, додека Xbox Series X|S останува на 28,3 милиони продадени единици. PS5 моментално е тринаесетта најпродавана конзола во историјата, а со ова темпо наскоро би можел да ја заземе дванаесеттата позиција, која сега ѝ припаѓа на Nintendo 3DS.
Покрај гејмингот, Sony Music бележи раст на приходите од стриминг, додека Sony Pictures е погоден од холивудските штрајкови во 2023 година, што предизвика пад на приходите. Гејминг секторот е главниот двигател на растот, благодарение на добрата продажба на софтвер и претплати на PlayStation Network, кој достигна 129 милиони месечно активни корисници. Силниот раст на гејминг секторот, кој пораснал за 37% во споредба со претходната година, ги надоместува послабите резултати на филмскиот и финансискиот сектор на Sony.
Sony останува оптимист и ја зголеми прогнозата за оперативна добивка на 1,34 билиони јени (8,7 милијарди долари) за фискалната година. Компанијата продолжува со вложувања во live-service игри, cloud gaming и аквизиции, додека PlayStation екосистемот останува клучен за нејзиниот успех.