Дали поседувате популарен Amazon Kindle е-читач и на него имате колекција омилени книги? Ви останува уште само една недела за да направите резервна копија на вашите книги на компјутер.
Amazon без големи најави одлучи да укине една прилично корисна опција – преземање електронски книги од Kindle директно на компјутер. Оваа можност постоеше повеќе од десет години и беше корисна за оние кои сакаа да имаат сопствена архива на дигитални книги зачувана на повеќе места. Исто така, преземањето книги на компјутер ги заштитуваше корисниците од произволни одлуки на Amazon, кој повремено може да отстрани книги од својата понуда и далечински да ги избрише од уредите на кои корисниците ги зачувале по купувањето.
Политиката на Amazon во однос на дигиталното архивирање сега се менува, па од 26 февруари преземањето книги од Kindle на компјутер преку стандардната постапка повеќе нема да биде возможно. Ова неодамна го откри порталот ZDNet, кога еден од нивните соработници се обидел да преземе книга на компјутер и добил известување од Amazon за многу краткиот рок во кој тоа сè уште може да се направи.
Во пракса, ова значи дека книгите повеќе нема да можат „рачно“ да се префрлаат од Kindle на компјутер преку USB или од таму на друг уред. Во иднина, сè ќе мора да се извршува преку облакот на Amazon, безжична врска или надворешни апликации. Овој потег најверојатно е направен за да се намали можноста за неовластено копирање на книги, бидејќи тие можеа да се преземат од Kindle со цел да им се отстрани заштитата. Сепак, напредните корисници, кои се навикнати да ги префрлаат своите содржини преку USB, сигурно ќе бидат непријатно изненадени од новата политика.
Amazon даде кратка изјава по овој повод: „Купувачите и понатаму ќе можат да ги читаат книгите што претходно ги презеле на својот Kindle уред и да пристапуваат до нови содржини преку Kindle апликацијата, Kindle за веб, како и директно преку Kindle уреди со WiFi можности“.