Компанијата Apple, во рамките на DSA законот, суспендираше повеќе од 135.000 апликации, кои се соочуваат со целосно отстранување од продавницата App Store.
Европскиот закон за дигитални услуги (DSA) привремено стапи на сила уште во август 2023 година и воведе сет правила за онлајн платформите со цел заштита на потрошувачите. DSA стана применлив за сите онлајн платформи на 17 февруари 2024 година, а членовите 30 и 31 бараат од развивачите на апликации да го наведат својот „трговски статус“ за да можат да пласираат нови апликации или надградби за дистрибуција на територијата на ЕУ.
За да се усогласи со оваа директива, Apple ги повика развивачите да го достават својот трговски статус најдоцна до понеделник, 17 февруари оваа година, а непочитувањето на овој услов резултираше со отстранување од App Store.
Според податоците на Appfigures, повеќе од 135.000 апликации, чии развивачи не ги доставиле потребните податоци, биле отстранети од продавницата App Store низ цела ЕУ во последните денови. Ова е најголемото отстранување на апликации од платформата од нејзиното основање.
Се поставува прашањето – кој се смета за трговец? Секоја апликација што остварува приходи во App Store преку преземања, купувања во апликацијата или реклами припаѓа во оваа категорија.
Организациите мора да достават телефонски број, е-пошта и адреса поврзани со нивниот DUNS систем (Data Universal Numbering System), додека индивидуалните развивачи треба да наведат податоци како адреса, телефонски број и е-пошта. Отстранетите апликации ќе останат скриени сè додека нивните развивачи не ги исполнат барањата и не го ажурираат својот статус преку платформата App Store Connect.