На задната страна на OnePlus Watch 3 пишува „Meda in China“ наместо „Made in China“, поради што купувачите можат да го вратат.
OnePlus оваа недела го претстави својот нов паметен часовник, Watch 3, чија почетна серија имаше грешка што предизвика големи реакции на социјалните мрежи. Не стануваше збор за голем софтверски проблем или нешто „страшно“, туку за печатна грешка – наместо „Made in China“ на задната страна на часовникот пишува „Meda in China“.
Американската подружница на OnePlus брзо реагираше на овој проблем, наведувајќи дека грешката била целосно ненамерна. Тие напоменаа дека сопствениците на Watch 3 со оваа грешка можат да го задржат уредот како „супер лимитирана едиција“, но исто така имаат можност да го вратат бесплатно.
Инаку, OnePlus Watch 3 има поголем, 1,5-инчен LTPO AMOLED екран со титаниумска рамка и сафирно стакло, а новитет е ротирачката круна што може да се користи за навигација низ корисничкиот интерфејс. Часовникот доаѓа во една, 46-милиметарска големина, а може да се купи по цена од 349 евра со гумена ременка во црна или зелена боја.

