Со години, научниците беа збунети од темната материја, која е невидлива, а сепак сочинува околу 85% од вкупната маса во познатиот универзум.
Сега, тим од британскиот Универзитет во Саутемптон развил концепт за кој тврди дека би можел да го унапреди нашето разбирање за темната материја.
Истражувачите започнаа со тестирање на уред кој мери исклучително мали сигнали со испалување на ласери низ графитни плочи што левитираат во нулта гравитација.
Главниот физичар на проектот, Тим Фукс, изјави дека ова може да биде првиот чекор кон повеќе вселенски експерименти што потенцијално би можеле да ја откријат темната материја, како што може да се види во овој видео-запис.
„Постојат многу теории за тоа што би можела да биде темната материја, но ниту еден експеримент на Земјата досега не ѝ се доближил до откривање“, вели Фукс, додавајќи дека темната материја останува едно од фундаменталните прашања на кои научниците сè уште се обидуваат да одговорат, бидејќи ја диктира структурата на универзумот, но сè уште е немерлива.
„Нашиот експеримент не наликува на ништо досега направено: ќе левитираме графит помеѓу магнети кои, во нулта гравитација, стануваат исклучително чувствителни на мали сили. Ако густината на темната материја е доволно висока, темниот ‘ветер’ ќе ги поттурне нашите левитирани честички во количина што можеме да ја измериме, со што ќе ја откриеме по првпат во историјата.“
Темната материја, која првпат била идентификувана во 1930-тите, не емитира, не апсорбира и не рефлектира светлина во значајна мера, што ја прави невидлива за телескопите.
Фукс вели дека научниците знаат дека таа постои поради нејзините гравитациски ефекти врз видливата материја – движењето на ѕвездите и галаксиите во универзумот може да се објасни само преку гравитациското влијание на темната материја.
Експерименталниот уред ќе биде испратен во вселената на новиот сателит, кој го развива британскиот вселенски кластер Space South Central во соработка со универзитетите во Саутемптон, Портсмут и Сари, под името Jovian-1.
Уредот за детекција на темна материја од Саутемптон тежи само 1,5 килограм и ќе кружи околу Земјата во ниска орбита две години за да спроведе тестови.
Фукс додаде: „Постојат теории според кои стапката на интеракција на темната материја би можела да биде толку висока што не може да навлезе во нашата атмосфера или низ планините каде што се изградени детекторите. Ова би можело да објасни зошто многу големи експерименти на Земјата не успеале да детектираат никаков конечен сигнал. Нашата мисија е прва од ваков тип што ја користи оваа левитирачка технологија во вселената, и се надеваме дека ќе послужи како доказ дека темната материја може да се открие надвор од Земјата.“