Galaxy S25 Ultra импресионира со корисничкото искуство, AI функциите и квалитетната изработка, додека хардверските новитети се во втор план.
НИКОЛА БУРАГЕВ
Со секоја нова генерација на премиум смартфони, Samsung ја подигнува летвичката, а Samsung Galaxy S25 Ultra не е исклучок. Овој модел ја продолжува традицијата на Ultra серијата, носејќи подобрувања во дизајнот, корисничкото искуство и AI функциите, додека хардверските новитети остануваат во втор план. Иако можеби не нуди револуционерни промени, Galaxy S25 Ultra претставува суптилна, но значајна еволуција, особено во однос на екранот, квалитетот на изработката и софтверските можности. Со новиот целосно рамен дисплеј, титаниумска рамка и напредни AI функции, Samsung го позиционира S25 Ultra како смартфон кој не само што изгледа импресивно, туку и нуди врвно корисничко искуство. Дали е ова најдобриот Android телефон на пазарот и дали ги оправдува очекувањата? Во оваа рецензија ќе ги анализираме сите аспекти – од дизајнот и дисплејот, преку перформансите и автономијата, до камерите и новитетите што ги носи Galaxy AI.
Дизајн и ергономија
Samsung Galaxy S25 Ultra оваа година носи забележлива промена во дизајнот, која можеби не е револуционерна, но дефинитивно прави разлика. Овој модел ја продолжува еволуцијата започната со S24 Ultra, целосно напуштајќи го концептот на закривени екрани, што го прави еден од најпрефинетите смартфони во премиум сегментот. Новиот изглед не само што придонесува за пософистициран естетски израз, туку и ја подобрува ергономијата, овозможувајќи подобар стисок и поголема удобност при користење. Титаниумската рамка од класа 5, идентична со онаа кај најголемиот конкурент Apple, обезбедува дополнителна цврстина и издржливост, додека Gorilla Glass Armor од втора генерација гарантира зголемена заштита на предната и задната страна на уредот.
Samsung успеа да го направи Galaxy S25 Ultra не само визуелно привлечен, туку и супериорен во поглед на изработката. Благодарение на целосно рамниот дизајн, смартфонот изгледа уште поелегантно и модерно, без непотребни преоди и заоблувања кои порано беа заштитен знак на Ultra серијата. Интересно е што, и покрај подобрената конструкција, уредот остана еден од најтенките во премиум класата, со дебелина од само 8,2 мм. Дизајнот на камерите останува речиси непроменет, со таа разлика што прстените околу сензорите се нешто помасивни, нагласувајќи го естетскиот идентитет на серијата.
Распоредот на копчињата и конекторите е логично поставен, нудејќи интуитивно корисничко искуство – копчињата за контрола на звукот и вклучување се наоѓаат на десната страна, додека на долниот дел се сместени S-Pen стајлсот, отворот за звучник, USB-C портот и слотот за SIM картичка.Улогата на вториот звучник ја презема слушалката на телефонот и, како и досега, го нуди едно од најдобрите аудио искуства при слушање музика преку звучниците на телефонот – урамнотежен, добро балансиран и доволно гласен звук, токму како што се очекува од смартфон од оваа класа.
Екран
Што се однесува до дисплејот, нема новитети од технолошка гледна точка – но затоа рамките околу екранот никогаш не биле помали, што е секако позитивно. Целосно рамниот Dynamic AMOLED 2X LTPO екран со динамично освежување во зависност од сценариото на користење е истиот оној екран што веќе со години го гледаме на Samsung телефоните, за кој е кажано апсолутно сè и безброј пати повторено. Минатата година го видовме во својата рамна верзија во моделот S24 Ultra, а оваа година, во оваа форма на уредот, изгледа уште подобро.
Екранот навистина изгледа одлично во апсолутно сите сценарија на користење и амбиенти. Еден е од најсветлите на пазарот и е многу добро читлив дури и на отворено, под директна сончева светлина. Поддржан е Always On Display со приказ на позадината, пристигнатите информации и новиот Now Bar. Ваквиот голем и остар екран, со фреквенција на освежување од 120 Hz за мазен приказ и прецизни анимации, овозможува максимално уживање при сурфање на интернет и социјални мрежи, како и при гледање видеа и гејминг.
Единствениот аспект за кој немаме официјални информации се однесува на PWM вредностите на затемнување на екранот – единствената, да речеме, нова карактеристика на екраните за која се зборува во последните две години. Samsung никогаш не ги објавува тие податоци за своите екрани, па за точните вредности можеме само да нагаѓаме.
Перформанси и батерија
Samsung одигра на сигурно и во сферата на перформансите и автономијата. Сите три модели, вклучувајќи го и најмоќниот Galaxy S25 Ultra, ги покренува Snapdragon 8 Elite повторно со оној суфикс „for Galaxy“. Тоа најверојатно се однесува на специјално прилагодениот систем за ладење, кој гарантира уште подобра ефикасност и перформанси без прегревање.
Со 12 GB RAM и од 256 GB до 512 GB простор за податоци, новата Ultra се покажа како вообичаено моќен телефон, на кој ниту една задача не му е преголем предизвик. Без разлика дали работевме со повеќе апликации во истовреме, го користевма во DeX режим со голем екран за вистинско PC искуство или ги игравме најновите игри, брзината и корисничкото искуство секогаш беа беспрекорни.
Samsung одигра на сигурно и со одличниот квалитет на телефонските повици, врвната поврзаност, па и батеријата. Сите се надевавме дека и Samsung ќе го прифати трендот на новите силициум-јаглеродни батерии за поголема автономија во потенок дизајн, но тоа не се случи. Батеријата и оваа година има капацитет од 5000 mAh, исто како и последниве пет години. Автономијата е приближно иста како кај претходниот модел, што повторно е доказ за играта на сигурно на Samsung. Очекувајте цел ден интензивно користење без грижа за полнач, a со едно полнење може да се добијат и над осум часа вклучен екран. Брзината на полнење исто така не е зголемено, па S25 Ultra се полни со 45W. Полначот во пакетот го нема веќе долго време. Поддржано е, секако, и безжично, како и реверзибилно безжично полнење.
Камери
Камерите се старо-нови. Променет е ултраширокиот објектив од 50 мегапиксели, кој навистина прави забележлива разлика. Тука е истата главна камера од 200 мегапиксели, како и двете телефото камери што овозможуваат 3x и 5x оптички зум (претходно беше 10x). Селфи камерата исто така остана непроменета (12 мегапиксели).
Немавме никакви забелешки ниту на минатогодишната конфигурација, бидејќи речиси работеше на ниво на професионални апарати, па немаме ни за новата Ultra. Сепак, постигнат е напредок, што најмногу се забележува при фотографирање во услови на слаба осветленост – особено ако сте на концерт или во клуб и сликате нешто, каде што алгоритмите овозможуваат подобар зум.
Некои беа разочарани што не видовме некои нови бројки или опции, но впечатокот е многу позитивен. Galaxy S25 Ultra со своите камери снима навистина одлични фотографии во сите услови. Дневните фотографии изобилуваат со детали, изразени бои, природен бока ефект зад субјектите и широк динамички опсег. Снима и одлични портрети со заматена позадина. Во вечерни услови, уредот автоматски го активира ноќниот режим кога е потребно и ја продолжува експозицијата за да извлече максимум светлина и детали, притоа одржувајќи природен баланс на белата боја и точна репродукција на боите.
Ultra нуди уште повеќе опции за снимање видео до 8K квалитет. Професионалниот режим овозможува снимање во LOG формат, а AI технологијата се користи за отстранување на шумот од ветерот или околниот шум. 4K видеото повторно е веројатно најдоброто во Android категоријата.
Galaxy AI и One UI 7
Samsung годинава изненади со својата стратегија за ажурирање на Android 15. Во моментот на создавање на оваа рецензија, Galaxy S25 моделите, вклучувајќи ја и Ultra верзијата, се единствените нивни телефони со Android 15 и новиот One UI 7 интерфејс, а како што стојат работите, така ќе остане уште некое време.
Новиот One UI 7 базиран на Android 15 навистина ми се допадна. Конечно добивме освежен дизајн на интерфејсот со уште поубави икони на апликациите, нов изглед на Контролниот центар, кој сега е одделен од Центарот за известувања, како и Now Bar – одговорот на компанијата на Apple – Dynamic Island. Станува збор за визуелно пријатен приказ на информации на дното од екранот за заклучување и Always On дисплејот. Меѓу другото, тука се прикажуваат тајмери, аудио-снимачи, насоки од Google Maps и контроли за репродукција на мултимедија, а со допир приказот се проширува. Друга новост, која многумина долго ја очекуваа, е опцијата за вертикален приказ на апликациите во менито. Samsung со години одолеваше на овој тренд и нудеше само хоризонтално листање низ апликациите.
Samsung повторно ги става во фокус Galaxy AI функциите базирани на вештачка интелигенција. Circle to Search и Google Gemini сега се достапни за сите, а Samsung ги истакнува своите AI трикови како сумирање на текстови, форматирање белешки, утрински и вечерни извештаи за вашиот ден, генеричко уредување на фотографии и слично. Од сите новитети што ги носи One UI 7, најголем дел од корисниците најмногу ќе го забележат новиот Контролен центар, Now Bar и малку поразличните иконки.
Една од најкорисните функции е тоа што телефонот доаѓа со Google Gemini. Од сега, тоа е стандардниот асистент наместо Bixby и едноставно се активира со притискање на копчето за вклучување/исклучување. Gemini изгледа одлично на Ultra, има минималистички кориснички интерфејс, ги разбира сите содржини на екранот и може лесно да помогне.
На пример, ако добиете покана за настан, Gemini може веднаш да ја додаде во вашиот календар. Доколку ви требаат карти, ќе ви ги прикаже најповолните опции. Ако гледате YouTube видео, можете да побарате од Gemini да го сумира или да поставите специфично прашање за видеото пред да ја погледнете целата епизода.
Тука се и опциите Drawing Assistant и Now Brief – првата ви овозможува да нацртате скица или да напишете барање и да генерирате слика. Има и неколку супер опции, како можноста да се избришат непосакувани звуци од снимка, на пример, надворешна бучава или некој што зборува во позадина.
Заклучок
Galaxy S25 Ultra е смартфон што го продолжува трендот на постепено усовршување, наместо драстични промени. Со помодерен, рамен дизајн, титаниумска рамка и Gorilla Glass Armor од втората генерација, уредот изгледа елегантно и нуди врвен квалитет на изработка. Дисплејот, иако технолошки непроменет, останува еден од најдобрите на пазарот, со неверојатна осветленост и живописни бои. Камерата, со мали, но значајни подобрувања, продолжува да биде една од најмоќните во смартфон индустријата, особено во ноќни услови и при користење на зум.
Она што го издвојува S25 Ultra оваа година е уште поголемиот фокус на вештачката интелигенција. Galaxy AI функциите, како што се паметното сумирање текстови, Now Bar и интегрираниот Google Gemini, го носат корисничкото искуство на повисоко ниво. Сепак, во однос на хардверот, нема радикални промени – перформансите остануваат на врвно ниво благодарение на Snapdragon 8 Elite, но батеријата и брзината на полнење остануваат исти како кај претходните модели.
Дали вреди за надградба? Ако доаѓате од Galaxy S24 Ultra, можеби не постои доволно силна причина за промена, освен ако новиот дизајн и AI функциите ви се клучни. Но, за оние што користат постари модели или бараат најдобар Android смартфон во моментов, Galaxy S25 Ultra останува еден од најмоќните и најдобро заокружени телефони на пазарот. Не носи револуција, но носи прецизно дотерани подобрувања што го прават вистински предводник на премиум Android сегментот.
Оценка: 



(5/5)
Цена: 86.990 денари
ТЕХНИЧКИ СПЕЦИФИКАЦИИ
Galaxy S25 Ultra | |
Екран | 6.9-инчен* QHD+
Dynamic AMOLED 2X Екран Super Smooth 120Hz стапка на освежување (1~120Hz) Vision booster Приспособлив тон на боја |
*Mерено дијагонално, големината на екранот на Galaxy S25 Ultra е 6,9 инчи во цел правоаголник и 6,8 инчи со заоблените агли; вистинската површина за гледање е помала поради отврот на камерата | |
Димензии и тежина | 77.6 X 162.8 X 8.2mm, 218g |
Камера | 50MP ултра-широка камера
200 MP широка камера
50MP Телефото камера
10MP Телефото камера
12MP Предна камера
|
Меморија и складирање | 12GB + 1TB
12 + 512GB 12 + 256GB |
*Достапниот капацитет за складирање е предмет на претходно вчитан софтвер.
*Опцијата за меморија може да варира во зависност од пазарот. |
|
Батерија | 5,000 mAh |
*Типична вредност тестирана во лабораториски услови од трета страна. Типична вредност е проценетата просечна вредност со оглед на отстапувањето во капацитетот на батеријата меѓу примероците на батерии тестирани според стандардот IEC 61960. Проценетиот (минимален) капацитет е 4,855 mAh. Вистинскиот век на батеријата може да варира во зависност од мрежното опкружување, шемите на користење и други фактори. | |
Полнење* | Жично полнење*: Полнење до 65 % за околу 30 минути со адаптер од 45W **
Брзо безжично полнење 2.0*** Бежичен PowerShare**** |
Жично полнење компатибилно со QC2.0 и AFCPD. | |
** Адаптер за напојување од 45 W се продава посебно. Користете само полначи и кабли одобрени од Samsung. | |
*** Безжно полнење компатибилно со WPC. | |
**** Ограничено на Samsung или паметни телефони од друг бренд со безжично полнење Qi, како на пр.: Galaxy S24 Ultra, S24+, S24, S23 Ultra, S23+, S23, Z Fold 4, Z Flip4, серијата S22, Z Fold3 5G, Z Flip3 5G, S21 FE 5G, серијата S21, серијата Z Fold2, Note20, серијата S20, Z Flip, Note10, Note10+, S10e, S10, S10+, Fold, S9, S9+, S8, S8+, S8 Active, S7, S7 edge, S7 Active, S6, S6 edge, S6 Active, S6 edge+, Note9, Note8, Note FE и Note5. Достапно само со одредени носиви уреди на Samsung Galaxy, како на пр.: Galaxy Buds FE, Buds2 Pro, Buds2, Buds Pro, Buds Live, Watch6, Watch6 Classic, Watch5, Watch 5 Pro, Watch4, Watch4 Classic, Watch3, Watch Active2, Watch Active, Gear Sport, Gear S3, Galaxy Watch и Galaxy Buds. Ако моќноста на батеријата е помала од 30%, безжичниот PowerShare може да не функционира. Може да не работи со одредени додатоци, футроли, уреди од друг бренд или некои носиви уреди. Samsung. Додека трае PowerShare, може да влијае на приемот на повици или услугите за податоци, во зависност од вашето мрежно опкружување. | |
Оперативен систем | Android 15
One UI 7 |
Network and Connectivity | 5G*, LTE**, Wi-Fi 7***, Wi-Fi Direct Bluetooth® v 5.4 |
*Потребна е оптимална 5G мрежна врска, достапна на одредени пазари. Проверете кај вашиот оператор за достапност и детали. Брзините на преземање и стриминг може да се разликуваат врз основа на давателот на содржина, врската со серверот и други фактори.
** Достапноста на LTE моделот варира во зависност од пазарот и операторот. Вистинската брзина може да варира во зависност од пазарот, операторот и корисничкото опкружување. *** Достапноста на мрежата Wi-Fi 7 може да варира во зависност од пазарот, мрежниот добавувач и корисничкото опкружување. Потребна е оптимална врска и рутер Wi-Fi 7. |
|
Водоотпорност | IP68 |
*Стандард IP68: Врз основа на условите за лабораториски тестови за потопување во до 1,5 метри слатка вода до 30 минути. Исплакнете/исушете ако е влажно. Не се препорачува за употреба на плажа или базен. Отпорноста на вода и прашина на вашиот уред не е постојана и може да се намали со текот на времето. Отпорноста на вода и прашина на пенкалкото S Pen не е постојана и може да се намали со текот на времето поради нормалното абење и кинење. |