Motorola оваа година го задржува познатиот дизајн за својот водечки преклопен Razr модел.
Познат инсајдер откри една од боите во кои ќе биде достапен следниот Motorola Razr модел. Се очекува новиот уред, кој ќе пристигне подоцна оваа година под името Razr 60 Ultra и Razr Ultra 2025, да има дизајн сличен на својот претходник, но и осумјадрен Qualcomm Snapdragon 8 Elite процесор.
Еван Блас сподели нови детали за наследникот на Razr 50 Ultra моделот, познат како Razr 2024 Plus во Северна Америка. Според претходно објавените информации, уредот го задржува препознатливиот изглед, но има неколку визуелни детали што го разликуваат од претходната генерација.
Нов дизајн со кожен ефект и нова боја
Најголемата видлива промена кај Razr 60 Ultra е задната страна со кожен ефект, за кој се претпоставува дека е од синтетичка кожа, слично како кај Razr 40 моделот. Покрај тоа, Блас откри и нова боја на уредот – Rio Red. Иако досега се објавени информации за две бои, претходните модели од Razr серијата укажуваат на тоа дека Motorola подготвува повеќе опции.

Ова е првпат Razr 60 Ultra да се види од повеќе агли. Иако димензиите на уредот сè уште не се познати, изгледа дека е потенок или барем подеднакво тенок како неговиот претходник. За споредба, Razr 50 Ultra има дебелина од 7,1 mm кога е отворен и 15,3 mm кога е затворен.
Според други информации, овогодинешниот предводник на Razr серијата ќе пристигне со осумјадрена верзија на Snapdragon 8 Elite чипсетот. Сепак, датумот прикажан на рендерите не треба да се толкува како официјален датум на лансирање на уредот, пренесува Notebookcheck.
