Практично осмислена мобилна алатка која им овозможува на корисниците на едно централно место да следат и организираат содржини од различни извори, без разлика дали станува збор за RSS канали, блогови, страници со вести или содржини од социјалните мрежи.
Со сè поголемата достапност на разновидни содржини, станува сè поголем предизвик постојано да се биде информиран за актуелните настани и новости, а токму тука помагаат алатки како FeedDeck. На прв поглед, може да изгледа како уште еден класичен повеќеплатформски RSS клиент со отворен код, но всушност овозможува собирање содржини и од многу други извори.
Откако ќе се креира корисничка сметка и ќе се најавите во апликацијата, првиот чекор е создавање на првата колона каде што ќе се агрегираат посакуваните содржини. Во секоја колона може да се додаваат содржини од поддржаните извори, како што се RSS каналите, но и бројни страници и платформи како GitHub, Google News, Medium, Reddit, Stack Overflow, YouTube и други.
Потоа, целата содржина автоматски ќе се прикажува на едно место (и ќе се ажурира автоматски), а посебно е корисно што FeedDeck поддржува и филтрирање на содржините. Исто така, постои можност за означување на одредени содржини како омилени, а во секој момент може да се отвори линкот до оригиналниот напис или содржина во веб-прелистувач.
Дополнително, еден од интересните детали е што FeedDeck има и вграден подкаст-плеер, што значи дека преку оваа мобилна алатка може да се слушаат и подкасти, заедно со други корисни функции. За жал, бесплатната верзија е ограничена – можат да се додадат само 10 извори, кои по седум дена повеќе нема да се ажурираат (во текот на пробниот период). За да може да се додадат до 1000 извори, потребно е да се плати околу пет евра месечно за Premium изданието.