Може ли Reels како самостојна апликација да привлече креатори од TikTok, и покрај различните целни демографски групи на двете платформи?
Шефот на Instagram, Адам Мосери неодамна интерно ги откри плановите за можно издвојување на Reels во самостојна апликација. Оваа информација, која минатата недела беше споделена со вработените, а ексклузивно ја објавува The Information, претставува најдиректен обид на компанијата досега да преземе дел од корисниците на TikTok, особено во момент кога кинеската платформа во САД се наоѓа во некој вид на „Зона на самракот“.
Проект Ray
Новата апликација се развива во рамките на иницијативата со кодно име „Проект Ray“, чија цел е подобрување на алгоритмот за препораки на видеосодржини и поттикнување на корисниците да поминуваат повеќе време гледајќи Reels. Овој потег јасно ја покажува стратешката насоченост на Meta кон видеоформатот, кој стана клучен елемент за корисничкиот ангажман и темел за раст на приходите од рекламирање на сите платформи во нивна сопственост.
Веќе лансиран Edits
Meta Platforms, матичната компанија на Instagram, го приоритизира видеосодржините во целиот свој екосистем. Компанијата нуди финансиски поттик за креаторите да објавуваат ексклузивни Reels, што покажува јасна намера да се натпреварува со TikTok за вниманието на публиката и креаторите. Во јануари 2025 година, Meta лансираше и нова апликација за уредување видеа наречена Edits, која изгледа наменета за корисниците на CapCut, апликацијата за видеоуредување во сопственост на ByteDance, матичната компанија на TikTok.
Индискиот случај како поттик
Одвојувањето на Reels од главната апликација на Instagram може да доведе до поголем ангажман на корисниците, слично на растот што се случи кога Facebook го одвои Messenger во посебна апликација. Самостојна апликација би можела да му помогне на Instagram да освои поголем удел на пазарот на кратки видеа, особено во региони каде што TikTok има ограничувања или забрани. Instagram веќе профитираше од проблемите на TikTok на одредени пазари. По забраната на TikTok во Индија во 2020 година, користењето на Reels нагло се зголеми, а Instagram стана еден од главните добитници од повлекувањето на TikTok од тој пазар. Веројатно, токму тој успех е поттик за сегашните планови за одвојување на Reels.
Предност на интеграцијата
Иако Instagram Reels и TikTok имаат сличен формат на кратки видеа, тие таргетираат малку различни демографски групи. Instagram Reels обично привлекува позрела публика која ја цени естетиката, додека TikTok е познат по својата помлада корисничка база и по својата вирална природа, каде што трендовите брзо се шират низ платформата. Сепак, Instagram Reels има една значајна предност – интеграцијата во поширокиот медиумски систем на Meta, овозможувајќи им на корисниците полесно да ја искористат постоечката база на следбеници.