Зголемената побарувачка за електроника и зелена енергија е причината зошто ретките метали во последно време се тема на високата политика
Ретките метали деновиве се во фокусот на интересот, првенствено поради светската политичка сцена и интересите. Сѐ почесто се зборува за нив бидејќи расте побарувачката за производи како паметни телефони и ветерни турбини, додека владите се обидуваат да обезбедат сигурно снабдување.
Што се ретки метали?
Ретките метали претставуваат група од 17 елементи, која ги вклучува 15 сребренкасто-бели метали познати како лантаниди, како и скандиум и итриум.
За што се користат?
Овие метали имаат широка примена, вклучувајќи потрошувачка електроника, електрични возила, авионски мотори, медицинска опрема, процес на преработка на нафта и воени технологии, како што се проектили и радарски системи.
Кој е најголемиот производител?
Кина произведува околу 60% од светското рударско производство на ретки метали и 90% од преработените материјали и трајни магнети. Пекинг одредува квоти за производство, топење и сепарација, што внимателно се следи како показател за глобалната понуда.
Кои се нивните имиња?
Според редоследот во периодниот систем, тоа се: скандиум, итриум, лантан, церим, празеодимиум, неодимиум, прометиум, самариум, европиум, гадолиниум, тербиум, диспрозиум, холмиум, ербиум, тулиум, итрибиум и лутециум.
Кои се најчестите?
Лантанот и церимот се меѓу најзастапените. Лантанот се користи во објективи за камери и осветлување, додека церимот се користи во каталитички конвертори за намалување на емисиите од моторите со внатрешно согорување. Неодимиумот и празеодимиумот се особено барани поради трајните магнети во моторите на електричните возила, музичките уреди и ветерните турбини.
Дали навистина се ретки?
Не се ретки во смисла дека се многу невообичаени; некои дури се почести од оловото. Сепак, во Земјината кора се распространети во мали количини и често се измешани со други минерали, што го отежнува наоѓањето на поголеми наоѓалишта и ја зголемува цената на екстракцијата.

