Лендерот Athena на компанијата Intuitive Machines испрати фотографија од Земјата откако беше лансиран во вселената
Лендерот Athena на компанијата Intuitive Machines беше лансиран на 26 февруари од Флорида со помош на ракетата Falcon 9 на SpaceX, а сега од вселената испрати фотографија од Земјата.
Фотографиите од нашата планета настанале кога лендерот Athena, користејќи ја својата камера, направил „селфи“ со Земјата во позадина. На една од фотографиите се гледа и горната фаза на ракетата Falcon 9 како исчезнува зад лендерот. Светкавите точки што се видливи во близина на делот од ракетата би можеле да претставуваат друг товар лансиран заедно со Athena, како што е орбитерот Lunar Trailblazer на НАСА или Odin, сондата произведена од компанијата Astroforge, основана со цел за рударење на астероиди.

Од компанијата Intuitive Machines потврдија дека лендерот постигнал стабилна висина, воспоставил соларно полнење и радиокомуникациски контакт со оперативниот центар во Хјустон. Исто така, се наоѓа во одлична состојба и се подготвува за влез во лунарната орбита, што е планирано за 3 март. Првата можност за слетување на Месечината ќе ја има на 6 март.
