Претставници на Apple велат дека iPhone 16e нема MagSafe бидејќи нивната целна публика ги полни телефоните со кабел
Apple неодамна го претстави iPhone 16e, најдостапниот модел во нивната актуелна понуда, кој, по почетна цена од 700 евра, не поддржува MagSafe – технологијата за магнетно прицврстување и безжично полнење воведена со iPhone 12. Бидејќи недостатокот на MagSafe предизвика бројни прашања, Apple објасни зошто се одлучиле на овој потег.
Претставници на Apple изјавија за технолошкиот блог на Џон Грубер, Daring Fireball, дека iPhone 16e не е опремен со MagSafe затоа што нивната целна публика ги полни своите телефони преку кабел. Тие дополнително тврдат дека потенцијалните купувачи на овој модел „воопшто не користат безжично полнење“.
Не е јасно како Apple дошол до овој заклучок, ниту кого смета за целна група на iPhone 16e. Она што е прилично очигледно е дека ова е мерка за намалување на трошоците применета на телефон што сам по себе не е евтин, што укажува на целта – зголемување на профитот.

