Microsoft започна со тестирање на нов начин на организирање на апликациите во Start менито
Microsoft најави почеток на тестирање на нов начин за организирање на апликациите во мениото Start, кој овозможува нивно подредување според категорија или азбучен редослед.
Во изминатите денови, во јавноста “протече” изгледот на новиот редизајн на Start мениото во Windows 11, кое наскоро треба да стане стандардно. Неколку дена подоцна, Microsoft го потврди овој нов изглед на својот официјален блог посветен на развојните верзии на оперативниот систем, истакнувајќи дека ќе донесе освежен интерфејс за преглед на сите достапни апликации.
Листа или групи
Windows 11, во Insider Preview Build 22635.4950 (Beta Channel), во моментот на одредени корисници им нуди можност за избор помеѓу два начини на приказ. Кога ќе го отворат мениото Start и ќе ја изберат опцијата за прикажување на сите апликации (“All”), ќе можат да ги видат иконите и имињата на апликациите организирани по азбучен редослед или според категории.
Првиот приказ, наречен “Grid”, ги прикажува апликациите во азбучен ред, додека приказот според категории ги групира апликациите според нивната намена и зачестеност на употреба. Овој метод е сличен на начинот на кој апликациите обично се организираат во контекстуални папки на мобилните уреди.
„Оваа промена се воведува постепено, па можеби нема веднаш да ви се појави. Планираме наскоро да ја пуштиме за Windows Insider корисниците кои добиваат ажурирања врз основа на Windows 11, верзија 24H2, на Dev и Beta каналите“, велат од Microsoft, споделувајќи два screenshot-и од новиот дизајн на мениото.
Полесно споделување на фајлови
Оваа бета верзија на Windows носи уште една интересна функција за тестерите. Кога корисникот сака да повлече (drag and drop) одреден документ, на врвот на екранот се појавува мал скокачки прозорец со иконите на најчесто користените дестинации. Како што е прикажано во анимацијата, таму се наоѓаат WhatsApp, поврзаниот мобилен телефон, Outlook, Teams и други одредишта, овозможувајќи едноставно префрлање или споделување на документот со други лица.