Нов паметен асистент за уредите на Amazon, напојуван со напредни AI модели, сега може да биде вистински личен помошник. Но, ќе биде достапен само на одредени уреди и исклучиво со претплата.
На возот на генеративната вештачка интелигенција, која се обидува да биде персонализиран помошник во секојдневниот живот, минатата недела се приклучи и Amazon. Нивниот систем за гласовен асистент, Alexa, беше еден од првите на пазарот и веројатно е најпопуларен кога станува збор за „разговор“ со уреди како што се паметните звучници. Отсега, Alexa има и напредна верзија – Alexa+, за која Amazon вели дека е „паметна, поспособна и повешта во конверзација“.
Многу нови функции
Зад оваа надградба стојат нови јазични модели на вештачка интелигенција, кои ѝ овозможуваат на Alexa поактивно да учествува во разговори, да прима наредби на уште поприроден јазик (за разлика од досега, кога беше потребно да се користат одредени фрази за активирање на команди), а исто така добива и нови можности.
Со Alexa+, корисниците ќе можат да добијат помош во учењето, забавата, организацијата на времето, управувањето со другите паметни уреди во домот, да потврдуваат онлајн резервации, да купуваат производи (не само на Amazon), да разбира контекст, да дава предлози или совети и многу повеќе.
Кога станува збор за интеракцијата со другите уреди, Alexa+ може да преземе улога на AI агент, односно самостојно да извршува задачи според потребите и желбите на корисникот. Понекогаш ќе биде и проактивна – на пример, ќе може да препорача порано да тргнете на пат ако забележи гужва во сообраќајот или ќе ве извести за производи што ви требаат, а моментално се на попуст. Но, кога „заклучи“ дека не е во фокус, ќе се повлече и нема да биде наметлива, сè додека експлицитно не ја побарате.
Бесплатно со Prime, но само во САД
На новата асистентка ѝ се пристапува преку нова мобилна апликација или преку интернет прелистувач. Како и досега, најчесто ќе се користи преку уредите Amazon Echo во домот или автомобилот. Без разлика каде ја користите, таа ќе ги „памети“ вашите преференции и разговори, овозможувајќи ви да започнете конверзација на еден уред, а да ја завршите на друг.
Amazon не ја нуди Alexa+ бесплатно, ниту на сите сопственици на Echo уреди. Таа моментално е достапна само за претплатниците на Amazon Prime во САД, кои ја добиваат како дел од својот пакет. Како самостојна услуга чини 19,99 долари месечно. За користење е потребна апликација или интернет прелистувач, а за целосно искуство со паметниот дом ќе биде неопходно да поседувате некој од паметните звучници со екран од серијата Echo Show. Во моментов, поддржани се моделите Echo Show 8, 10, 15 и 21.