Компанијата Nothing официјално ги претстави своите два нови смартфони од средната класа, а тоа се Nothing Phone (3a) и Phone (3a) Pro.
Станува збор за уреди базирани на иста платформа, но Pro верзијата има две дополнителни карактеристики – подобри камери и поинаков дизајн.
Nothing Phone (3a) Pro има 6,77-инчен OLED екран заштитен со Panda Glass стакло. Максималната осветленост на панелот изнесува 1.300 нити, а фреквенцијата на освежување на екранот е 120 Hz со 10-битна длабочина на боја. Го напојува процесорот Snapdragon 7s Gen 3, кој е достапен во конфигурации 8GB/128GB, 8GB/256GB или 12GB/256GB, во зависност од регионот.

Компанијата посебно ги истакнува камерите на моделот (3a) Pro. Главната камера користи 50 MP 1/1.56″ сензор со отвор на бленда f/1.88 и оптичка стабилизација на слика. Тука е и 50 MP 1/1.95″ f/2.55 перископска камера со 3x оптички зум, за која Nothing тврди дека може да понуди зум до 6x со помош на TrueLens 3.0 моторот и AI функции за подобрување на квалитетот на сликата. Основната ултраширока камера од 8 MP го комплетира сетапот на задната страна. Напред има 50 MP камера.
Уредот е напојуван од батерија со капацитет од 5.000 mAh, која поддржува 50W полнење и може да се наполни до 50% капацитет за 19 минути.

Смартфонот исто така содржи Nothing Glyph интерфејс на задната страна, што му дава препознатлив изглед. LED осветлувањето е корисно за известувања и повици. Овој телефон има IP64 сертификат за издржливост, а Essential Key копчето се наоѓа под „power“ копчето. Ова копче е програмабилно и дизајнирано за да го олесни животот на корисникот и да му помогне во организацијата. Корисникот може да снима различни содржини и да ги испраќа директно во Essential Space.
Купувачите можат да очекуваат три големи надградби на оперативниот систем и шест години безбедносни надградби, почнувајќи од NothingOS 3.1 базиран на Android 15.

На повеќето пазари ќе биде достапна само верзијата со 12 GB RAM и 256 GB внатрешна меморија по цена од 459 евра, додека Индија ќе добие и две поевтини верзии со конфигурации 8/128 GB и 8/256 GB. Што се однесува до боите, ќе бидат достапни сива и црна.
Преднарачките започнуваат на 11 март.
Nothing Phone (3a) има ист 6,77-инчен OLED екран, Snapdragon 7s Gen 3 процесор и до 12 GB RAM и 256 GB внатрешна меморија. Главната разлика е кај камерите. Стандардниот модел ја има истата 50 MP f/1.88 главна камера, но 3x перископската камера е заменета со стандардна 2x зум камера со 50 MP 1/2.74″ сензор. Ултрашироката камера од 8 MP останува непроменета, додека предната камера од 50 MP е заменета со 32 MP f/2.2.

Капацитетот на батеријата и брзината на полнење се исти како кај поскапиот модел. Истото важи и за IP64 сертификатот, Essential Key и ветените надградби.
Глобалните конфигурации се 8/128 GB и 12/256 GB, достапни по цена од 328 и 378 евра. Во Индија ќе биде достапна и верзија со конфигурација 8/256 GB. Достапни бои се црна, бела и сина. Преднарачките се отворени на повеќето пазари.

