Докторите добиваат нова „медицинска сестра“, овој пат во форма на вештачка интелигенција наречена Dragon Copilot
Microsoft го најави Microsoft Dragon Copilot, систем за вештачка интелигенција наменет за здравствениот сектор, кој овозможува диктирање и автоматско зачувување на клиничките прегледи. Овој систем користи технологии за гласовно диктирање и амбиентално слушање, развиени од компанијата Nuance, која Microsoft ја купи во 2021 година.
Според официјалното соопштение, Dragon Copilot им помага на корисниците да ја поедностават документацијата преку функции како што се „автоматско креирање белешки на повеќе јазици“ и диктирање со природен јазик. Исто така, овозможува пребарување на медицински информации од доверливи извори и автоматизирање на задачи како што се креирање белешки, сумирање клинички докази, изработка на упатни писма и извештаи по преглед.
Целта на овој систем е да „ги ослободи лекарите од голем дел од административниот товар“ за да можат да се фокусираат на грижата за пациентите, вели Џо Петров, потпретседател на Microsoft за здравствени и биолошки решенија. Компанијата тврди дека лекарите кои ја користат технологијата на Nuance имаат понизок стрес на работа, а 93 отсто од пациентите пријавиле „подобро севкупно искуство“.
Microsoft не е единствената компанија што развива AI алатки за здравството – Google објави дека неговите медицински AI технологии им помагаат на здравствените компании да идентификуваат здравствени ризици кај пациентите и да анализираат медицински слики преку Vertex AI Search.
Американската Агенција за храна и лекови (FDA) минатата година објави насоки за употреба на генеративната вештачка интелигенција во медицината, истакнувајќи ги нејзините потенцијални придобивки, но и ризиците, вклучувајќи ја можноста за неточни информации. Microsoft тврди дека е посветен на „одговорен развој на AI технологијата“ и дека можностите на Dragon Copilot се изградени врз безбедна инфраструктура со посебен акцент на заштитата на точноста и усогласеноста со медицинските прописи, пренесува The Verge.