Instagram развива нова функција „community chat“ слична на Discord, која им овозможува на корисниците да креираат групи до 250 членови во апликацијата
Instagram работи на нова функција наречена „community chat“, која ќе им овозможи на корисниците да организираат групи со до 250 членови директно во апликацијата. Оваа досега необјавена функција ја откри познатиот програмер Алесандро Палуци, кој често прв забележува нови опции во Meta апликациите.
Според објавените екрански снимки од Палуци, функцијата „community chat“ ќе функционира слично на Discord – корисниците ќе можат да создаваат групи базирани на одредени теми и да контролираат кој може да се приклучи. За разлика од Instagram-овите „broadcast канали“, каде што само креаторот може да испраќа пораки до своите следбеници, во „community chat“ групите сите членови ќе можат активно да учествуваат во разговорот.
Новата функција ќе вклучува и вградени алатки за модерирање. Администраторите ќе можат да отстрануваат пораки и членови со цел да ја одржат безбедноста на групата. Исто така, Meta ќе ги применува своите стандарди и ограничувања на овие разговори.
Сепак, засега не е познато кога – и дали – оваа функција ќе биде официјално објавена. Портпаролот на Instagram ја опиша како интерен прототип кој сè уште не е достапен надвор од компанијата. Meta претходно тестираше слични функции во други свои апликации, како „Communities“ на WhatsApp во 2022 година и „Community Chats“ на Facebook и Messenger истата година. Тогаш, Марк Закерберг изјави дека овие функции се дизајнирани за да им овозможат на луѓето нов начин за поврзување со оние што имаат исти интереси, пренесува Engadget.