Ако во вашиот прелистувач секогаш имате отворен голем број табови, во новата верзија на Firefox можете да го префрлите нивниот преглед во странична лента, каде што ќе бидат прегледни и полесно достапни.
Mozilla минатата недела ја пушти во јавна дистрибуција верзијата 136 од својот интернет-прелистувач Firefox, која носи интересна промена во корисничкиот интерфејс, наменета за оние што сурфаат на интернет со отворен голем број јазичиња истовремено. Наместо јазичињата да се редат едно до друго на врвот на прозорецот и да се групираат, при што нивните картички стануваат компресирани до непрепознатливост, сега во Firefox тие можат да се преместат во странична лента (sidebar).
Вертикални јазичиња
Оваа промена не е активирана стандардно, но корисниците можат да ја вклучат со еден клик во адресната лента на прелистувачот. Преместувањето на јазичињата во страничната лента може да се направи и преку менито Settings > General > Browser Layout, каде што треба да се вклучи опцијата Vertical Tabs. Од Mozilla велат дека раните тестери на оваа функција во своите повратни информации истакнале дека нивното искуство било позитивно и дека по неколку дена користење на вертикално организираните јазичиња, имале подобро организирано искуство при сурфањето.
Овој додаток во корисничкиот интерфејс ќе биде корисен за оние што немаат навика да ги затвораат јазичињата во прелистувачот, но истовремено користат „широк“ монитор, бидејќи ќе им овозможи подобра организација на работниот простор и ќе го искористи страничниот дел од екранот, кој можеби досега бил неискористен. Откако јазичињата ќе се преместат во страничната лента, тие можат и да се скријат така што ќе им бидат отстранети имињата, а во прегледот ќе останат само нивните икони.
Слична функција за преместување на јазичињата од врвот во вертикален приказ веќе некое време нудат Microsoft Edge, како и Arc, Brave, Vivaldi и Safari. Во најпопуларниот прелистувач во светот, Google Chrome, јазичињата исто така можат да се организираат вертикално, но само со користење на специјална екстензија (која, сепак, нема да ги отстрани од врвот на прозорецот).

