Неинвазивен уред со интерфејс мозок-компјутер (BCI), поттикнат од вештачка интелигенција, е развиен од американската компанија Cognixion и сега влегува во клучна фаза на тестирање врз пациенти. Десет пациенти со амиотрофична латерална склероза (ALS) ќе тренираат со овој уред, кој е наменет да им го олесни разговорот со членовите на нивните семејства.
ALS, или Лоу Геригова болест, е прогресивна невродегенеративна болест на моторните неврони, која предизвикува постепена загуба на способноста за волеви движења. Како што болеста напредува, пациентите го губат говорот и способноста за невербална комуникација.
Познатиот теоретски физичар Стивен Хокинг ова го надмина со специјализиран синтисајзер на глас, дизајниран од Intel, кој ги претвораше неговите движења на мускулите на образите и трепкањата во зборови. Додека уредот на Хокинг беше прилагоден специјално за него, напредокот во технологијата сега овозможува пациентите со ALS да имаат слична можност, насочувајќи ја својата внимателност кон екран со проширена реалност (AR) во рамките на хедсет.
BCI уредот на Cognixion, наречен Axon R, е хедсет што неинвазивно ја следи мозочната активност. Електродите на хедсетот се поставени на окципиталниот режањ во задниот дел на черепот. Користејќи електроенцефалографија (EEG), стандардна техника за следење на мозочната активност, хедсетот ги снима визуелните евоцирани потенцијали во стабилна состојба (SSVEP) – мозочен сигнал што природно се ослободува како реакција на слика што трепка во правилни интервали.
Од друга страна, хедсетот користи AR технологија за прикажување различни опции за букви, зборови или фрази, а потоа преку мозочниот сигнал ги декодира изборите на корисникот. За разлика од уредот на Хокинг, корисникот не мора директно да гледа во зборот/текстот за да направи избор – доволно е само да ја насочи својата внимателност кон зборот, што активира мозочен сигнал. На крајот од вежбата, хедсетот може да ја прочита пораката или да ја прикаже на екран.

Cognixion го унапреди својот уред со помош на вештачка интелигенција, која им помага на пациентите побрзо да генерираат говор. Ова не е само функција за автоматско довршување што избира зборови врз основа на најголема веројатност, туку AI асистент обучен за говорниот или пишаниот стил на секој пациент.
Преку Axon R, Cognixion има за цел да овозможи комуникација „брза речиси како разговор“. Клиничкото испитување има за цел да ги утврди приоритетите во SSVEP селекцијата и да го подобри дијалогот меѓу пациентите и нивните негуватели. Со оглед на тоа што ALS е терминална болест, се очекува уредот да им помогне на пациентите да ги изразат своите желби во врска со негата и одлуките на крајот од животот.
Покрај пациентите со ALS, уредот може да им помогне и на лица со церебрална парализа, мултиплекс склероза, епилепсија и други слични состојби. Додека многу компании се обидуваат да развијат BCI уреди и да ги понудат на пазарот, меѓу кои и Neuralink на Илон Маск, предноста на Axon R е неговата неинвазивна природа.
Cognixion ова лето ќе има 10 корисници кои ќе можат да комуницираат преку уредот, а во план е поголемо тестирање со 50 пациенти. Добри резултати од тестирањето би можеле да помогнат во добивањето одобрение за употреба на оваа револуционерна технологија.


