Гласините за рачната Xbox гејминг конзола на Microsoft се присутни веќе со години, а сега се појавија нови информации за овој уред.
Во ноември, директорот на Microsoft Gaming, Фил Спенсер, потврди дека брендот работи на рачна гејминг конзола Xbox, додека Џејсон Роналд, потпретседател на одделот Xbox Gaming Devices, претходно зборуваше за плановите за „спојување на најдоброто од конзолите и PC“.
The Verge сега открива повеќе детали за овој уред и наведува дека ќе го произведува Asus. Извештајот се базира на тврдења од „извори блиски до Microsoft“, а конзолата се развива под кодното име Project Kennan и ќе го носи логото на Xbox.
Проектот сè уште е во фаза на развој, а конзолата треба да се појави на пазарот подоцна оваа година, иако нејзиното лансирање би можело да биде одложено. Што се однесува до софтверот, конзолата ќе користи оперативен систем Windows со поинтуитивен Xbox интерфејс.
Microsoft има за цел да го обедини Windows и Xbox, како и да соработува со компании кои би биле отворени за развој на Xbox гејминг хардвер. Project Kennan наводно ќе користи AMD Ryzen Z2 Go процесор, а цената на конзолата ќе изнесува меѓу 499 и 599 долари.