Новиот AI модел, Gemma 3 на Google доаѓа во неколку верзии прилагодени на различните потреби на корисниците и е оптимизиран за работа на голем број уреди.
Google го претстави Gemma 3, својот најнов AI модел, оптимизиран за работа на широк спектар уреди – од компјутери со моќни GPU-и до паметни телефони. Станува збор за отворен AI модел кој, според Google, нуди подобрени перформанси и поголем контекстуален прозорец, овозможувајќи обработка на покомплексни задачи со помали хардверски барања.
Имено, за разлика од многу AI модели кои бараат дата-центри и големи ресурси, Google тврди дека Gemma 3 е „најдобриот AI модел во светот за еден акцелератор“, што значи дека може да се извршува дури и на поединечни GPU единици. Неговиот контекстуален прозорец е проширен на 128.000 токени, а исто така е и мултимодален, што значи дека може да обработува текст, слики со висока резолуција и видеа.
Gemma 3 доаѓа во неколку верзии, прилагодени на различни кориснички потреби. Најмалиот модел со една милијарда параметри може да работи речиси на кој било уред, додека најголемата верзија со 27 милијарди параметри бара повеќе ресурси. Помеѓу овие две верзии постојат и варијанти со 4 и 12 милијарди параметри. Од Google истакнуваат дека помалите модели можат да работат со помалку од 1 GB меморија, додека поголемите бараат меѓу 20 и 30 GB, дури и во режими со ниска прецизност.
Што се однесува до споредбата со конкуренцијата, Google објави податоци кои покажуваат дека Gemma 3 ги надминува конкурентните модели, како што се Llama 3 и ChatGPT-4o-mini, кога станува збор за интеракции и обработка на корисничките барања. Сепак, во одредени тестови сè уште не го достигнал кинескиот DeepSeek R1, но тоа не е ни неговата цел. Клучната предност на овој модел лежи во неговата ефикасност.
Gemma 3 е достапен преку Google AI Studio, а корисниците можат дополнително да го приспособат со алатки како Google Colab и Vertex AI. Иако моделот е достапен за бесплатно преземање преку Kaggle и Hugging Face, Google-овата лиценца ги дефинира условите за неговата употреба. Сепак, корисниците кои го извршуваат на свој хардвер можат да ги истражуваат неговите можности без никакви ограничувања.
Повеќе информации се достапни на блогот на Google.