Истражувачката агенција Counterpoint Research објави квартални податоци за користењето на оперативните системи наменети за смартфони, а улогата на глобален лидер и понатаму ја има Android.
Android е најкористениот оперативен систем во светот и доминира на пазарот, второто место му припаѓа на iOS на Apple, додека третата позиција ја држи HarmonyOS на Huawei.
Сепак, има и некои интересни податоци за различни пазари. Еден регион каде што податоците значително се разликуваат е Кина, каде што HarmonyOS го надмина iOS, а се предвидува негов раст и оваа година.
Слични резултати покажуваат и кварталните и годишните податоци, бидејќи продажбата на смартфони остана непроменета во 2024 година. Android забележа најмал квартален удел во четвртиот квартал од 2024 година во региони како САД и Индија.
На пример, продажбата на Motorola и Google во САД го ублажи двоцифрениот пад во однос на претходната година, кој беше забележан кај помалите компании, додека продажбата на iPhone опадна за само 1 отсто.
Во Индија, продажбата на iPhone во последниот квартал од 2024 година достигна рекордно високо ниво, при што две третини од вкупната продажба ја сочинуваа модели од постари генерации.
HarmonyOS задржа стабилни 4 отсто удел на пазарот. Иако остана на третото место, оперативниот систем на Huawei имаше подобри резултати од оној на Apple во сите четири квартали од 2024 година во Кина. Counterpoint очекува HarmonyOS да продолжи да го зголемува својот удел на пазарот, бидејќи кинеската влада овозможува субвенции од 500 јуани (63,4 евра) за уреди кои чинат помалку од 6.000 јуани (760 евра) во обид да ја подобри економијата.
Агенцијата не прецизираше дали EMUI, глобалното име за корисничкиот интерфејс на Huawei, припаѓа во истата категорија како и верзијата за кинескиот пазар. Во секој случај, тоа не прави голема разлика, бидејќи Huawei поголемиот дел од своите смартфони ги продава на домашниот пазар.