Apple планираше да произведе iPhone 17 Air без ниту еден приклучок, потпирајќи се само на безжично полнење и складирање во облак . Сепак, поради ЕУ регулаторите, ќе биде задржан е USB-C приклучокот. Револуционерниот модел ќе биде потенок за една петтина, со камера од 48 MP и сопствен C1 модем.
Apple се подготвува да го претстави iPhone 17 Air уред што означува премин кон потенки, потенцијално целосно безжични паметни телефони, известува Марк Гурман во својата редовна неделна колумна на Bloomberg. Како што извести Гурман, овој нов модел е дел од стратегијата за освежување на линијата на iPhone, која традиционално вклучува два основни и два премиум модели годишно. За 2025 година, Apple планира да лансира еден основен телефон, два премиум модели и iPhone 17 Air, кој ќе биде позициониран помеѓу овие категории.
Што носи потенкиот iPhone инспириран од MacBook?
iPhone 17 Air е инспириран од MacBook Air, со потенок дизајн што комбинира карактеристики на професионалните и основните модели. Уредот ќе има екран од 6,6 инчи со тенки рамки слични на линијата iPhone 16 Pro, заедно со ProMotion технологија за мазно и флуидно скролање низ содржината и стандардниот Dynamic Island интерфејс. Телефонот ќе вклучува и копче за контрола на камерата, а и покрај намалените димензии, ќе го задржи траењето на батеријата да биде слично на актуелниѕте iPhone модели.
Тенок профил со неколку компромиси
За да се постигне тенок профил, Apple мораше да направи неколку компромиси. Дебелината на телефонот е намалена за околу 3 милиметри (уредот се очекува да биде „дебел“ само 5,5, мм), што е околу една петтина од оригиналната димензија. Ова наложи користење на една камера од 48 мегапиксели, слично на пристапот кај iPhone 16e, и стандардниот A19 чип наместо напредниот A19 Pro кој се наоѓа во Pro моделите. Уредот, исто така, нема да има физички слот за SIM картичка — карактеристика што веќе недостасува кај американските iPhone модели, но сè уште е достапна на другите пазари.

Чекор кон иднина без приклучоци
iPhone 17 Air ќе го користи сопствениот C1 модем чип на Apple, кој дебитираше во iPhone 16e. Овој чип е поефикасен во потрошувачката на енергија во споредба со решенијата на Qualcomm и поддржува тенок дизајн на телефонот, иако не поддржува mmWave технологија, која останува ексклузивна за Pro моделите.
Најамбициозниот план на Apple за Air моделот бил создавање на првиот iPhone целосно без физички приклучоци. Таков потег би значел укинување на USB-C портот во корист на целосно потпирање на безжичното полнење и синхронизација со облак. Пазарот веројатно е подготвен за ваков чекор — повеќето корисници на iPhone денес ретко ги поврзуваат своите уреди со кабел, било за полнење, поврзување со автомобил или за пренос на податоци. На крајот на краиштата, Apple Watch од своето лансирање функционира исклучиво со безжично полнење, па значителен дел од корисниците на Apple веќе се навикнати на таков концепт.
ЕУ прописите – пречка за дизајн без портови
Но, како и со секоја радикална промена, укинувањето на последниот физички порт би предизвикало одредени контроверзии во заедницата на корисници. Некои фанови сè уште не ја преболеле промената од 30-пинскиот на Lightning конектор пред повеќе од една деценија, иако неодамнешниот премин на USB-C помина со изненадувачки малку негодувања. Вреди да се потсети дека Apple има долга историја на намалување на бројот на приклучоци — MacBook Air во 2008 година беше претставен со еден USB-A порт, а во 2015 година се појави ултратенкиот 12-инчен MacBook со еден единствен USB-C порт за сите потреби за поврзување и напојување.
И покрај овие планови, Apple сепак се откажа од дизајнот без приклучоци кај новиот iPhone, кој ќе го задржи USB-C приклучокот. Главната причина за ова е прагматична — стравувањето дека укинувањето на USB-C конекторот би можело да предизвика реакција од регулаторите на Европската Унија, кои неодамна го присилија Apple на премин од Lightning на USB-C и внимателно ги следат деловните практики на компанијата од Купертино.
Што подготвува Apple за иднината на iPhone?
iPhone 17 Air означува нова стратешка насока за Apple, која, ако се покаже успешна, би можела да го отвори патот кон идни уреди без никакви приклучоци. Паралелно со ова, компанијата работи и на преклопни модели слични на Samsung Galaxy Z Fold, со можен излез на пазарот веќе во 2026 година. Овие хардверски новитети се само дел од пошироката иницијатива на Apple, која вклучува и значителни промени на софтверско ниво – темелни редизајни на iOS и macOS во наредните верзии за кои веќе пишувавме.
Како што наведува Марк Гурман, успехот на iPhone 17 Air е важен за идните дизајнерски одлуки на Apple. Претходните обиди со алтернативни формати, како што се mini и Plus моделите, не се поврзаа добро со потрошувачите, оставајќи го Apple во потрага по модел што ефикасно ќе го премости јазот меѓу основните и Pro опции. Се очекува дека цената на iPhone 17 Air ќе биде 900 долари, исто како и iPhone 16 Plus моделот.


