Нова студија сугерира дека кислород може да се создаде без сончева светлина, но научната заедница останува скептична
Може ли грутчести, метални карпи на дното на океанот да произведуваат кислород во целосен мрак? Некои научници сметаат дека да, додека други ја оспоруваат оваа тврдење за постоењето на таканаречениот „темен кислород“ во морските длабочини без светлина.
Откривањето на овој феномен, објавено во јули минатата година во списанието Nature Geoscience, ги доведе во прашање долгогодишните претпоставки за настанокот на животот на Земјата и предизвика жестока научна дебата. Наодите исто така имаат импликации за рударските компании кои сакаат да експлоатираат вредни метали од полиметалните нодули на океанското дно.
Истражувачите сугерираат дека нодули со големина на компир можат да произведуваат доволно електрична енергија за да ја разложат морската вода на водород и кислород преку процес на електролиза. Оваа хипотеза го доведува во прашање традиционалното гледиште дека животот на Земјата станал можен дури кога организмите почнале да произведуваат кислород преку фотосинтеза, која бара сончева светлина, пред околу 2,7 милијарди години.
Темниот кислород ја доведува во прашање традиционалната наука
Шкотската асоцијација за истражување на морето во соопштение за јавност истакна дека ова откритие отвора ново прашање за потеклото на животот. Еколошките организации, вклучувајќи го и „Greenpeace“, нагласија дека присуството на „темен кислород“ покажува колку малку сè уште знаеме за животот во овие екстремни длабочини. Тие сметаат дека ова откритие дополнително го поддржува нивниот повик за забрана на длабинското рударење, особено во Пацификот, каде што ваквите активности можат да ги загрозат осетливите екосистеми.

Истражувањето било спроведено во зоната „Clarion-Clipperton“, огромен подводен регион во Пацификот помеѓу Мексико и Хаваите, кој сè повеќе привлекува рударски компании. Полиметалните нодули пронајдени на морското дно, четири километри под површината, содржат манган, никел и кобалт – метали што се користат во батерии за електрични возила и други технологии со ниска емисија на јаглерод.
Сепак, истражувањето предводено од морскиот еколог Ендру Свитрман делумно било финансирано од канадската рударска компанија „The Metals Company“, која сакала да го процени еколошкиот импакт на длабоководните истражувања. По објавувањето на резултатите, оваа компанија жестоко ја критикуваше студијата, истакнувајќи дека е полна со „методолошки грешки“.
Мајкл Кларк, менаџер за заштита на животната средина во „The Metals Company“, изјави дека наодите на истражувачите најверојатно се резултат на „лоша научна техника“, а не на вистински, претходно непознат феномен.
Многу научници исто така изразија сомнеж во заклучоците на студијата. Од јули, пет академски истражувања биле поднесени на рецензија со цел да ги оспорат наодите на тимот на Свитрман.
„Нема јасни докази што би ги потврдиле овие резултати и хипотези,“ изјави Матијас Хекел, биохемиски истражувач од „GEOMAR Helmholtz центарот за истражување на океаните“ во Германија. „Потребно е да се спроведат дополнителни експерименти за да се потврдат или оспорат овие тврдења.“

Оливие Руксел, истражувач по геонауки од францускиот институт „Ifremer“, исто така изрази скептицизам. Тој нагласи дека земањето примероци од големи длабочини претставува технички предизвик и дека можно е откриениот кислород всушност да потекнува од заробени меурчиња воздух во мерните инструменти.
Покрај тоа, Руксел ја доведе во прашање идејата дека полиметалните нодули, кои се стари десетици милиони години, сè уште произведуваат доволно електрична струја за електролиза.
„Батериите брзо се трошат, па како е можно еден нодул, кој се формира исклучително бавно, сè уште да генерира електрична енергија?“ праша тој.
На барање за коментар, Свитрман најави дека подготвува официјален одговор на критиките, пренесува MSN.
„Ваквите научни дебати се вообичаени и помагаат темата да се развие понатаму,“ изјави тој.
