Аналитичарот Џеф Пу тврди дека Apple развива преклопен iPhone со 7,8-инчен екран и MacBook-iPad хибрид со 18,8-инчен досплеј, кој би можел да работи на macOS.
Apple долго време остануваше надвор од сегментот на преклопни уреди, но најновите извештаи сугерираат дека тоа наскоро ќе се промени. Според аналитичарот Џеф Пу, Apple ќе започне со масовно производство на своите први преклопливи уреди во втората половина на 2026 година, со потенцијално лансирање во 2026 или 2027 година.
Според истражувањето на Пу за GF Securities, Apple развива два преклопливи уреди:
• Преклопен iPhone со 7,8-инчен внатрешен екран
• Поголем флексибилен уред со 18,8-инчен екран, кој се опишува како MacBook-iPad хибрид
Додека помалиот модел најверојатно ќе биде одговорот на Apple за серијата Samsung Galaxy Z Fold, поголемиот уред би можел да биде првиот MacBook со преклоплив екран и поддршка за контрола на допир.
MacBook со преклопен екран и macOS?
Најголемата контроверза во предвидувањата на Пу се однесува на софтверот што ќе го користи поголемиот преклоплив уред. Тој тврди дека уредот би можел да работи на macOS, што би го позиционирало како првиот Mac со екран на допир.
Ова тврдење е особено интересно имајќи ги предвид неодамнешните наводи на Марк Гурман од Bloomberg, кој во својот билтен Power On сугерираше дека дизајнерските промени во iOS 19 и macOS 16 ќе го подготват теренот за преклопливи уреди и Mac компјутери со екран на допир.
Сепак, засега нема други конкретни гласини што потврдуваат дека Apple ќе лансира Mac со екран на допир веќе следната година, поради што аналитичарите остануваат внимателни во однос на ова предвидување.
Apple сè уште не се огласил во врска со преклопливите уреди, но сè почесто се појавуваат гласини дека компанијата интензивно развива нова генерација на преклопливи екрани. Ако овие информации се точни, 2026 година би можела да биде моментот кога Apple официјално ќе влезе на пазарот на преклопливи телефони и лаптопи.
Додека чекаме повеќе детали, останува да замислуваме иднина во која Mac ќе има преклоплив екран и поддршка за допир – нешто што корисниците на Apple го бараат со години, пренесува MacRumors.