Најновото ажурирање за Windows 11, меѓу другото, го брише Copilot од некои уреди, а корисниците се шегуваат дека тоа воопшто не им пречи.
Најновото ажурирање за Windows 11 предизвика бројни проблеми, вклучително и тоа што Copilot апликацијата исчезнува од некои уреди, дури и од лентата со задачи (Taskbar). Овој проблем се појави по ажурирањето кое започна да се дистрибуира на 11 март, што предизвика загриженост кај корисниците.
Microsoft во официјалната документација за мартовското ажурирање ја призна оваа грешка и наведе дека работи на нејзино решавање. Како привремено решение, корисниците можат рачно да ја преземат и повторно да ја инсталираат Copilot апликацијата од Microsoft Store и да ја вратат на старото место.
Иако ова очигледно е грешка во ажурирањето, некои корисници кои и онака не ја користеле Copilot функционалноста сметаат дека ситуацијата воопшто не им пречи. На социјалните мрежи се појавија коментари како: „Нема врска, и онака не ја користам оваа функција…“
Microsoft веќе најави дека Windows 10 ќе биде повлечен во октомври оваа година, што значи дека повеќе нема да добива ажурирања и поддршка. Иако корисниците ќе можат и понатаму да го користат Windows 10, постојните безбедносни ризици може да претставуваат потенцијален проблем. Поради тоа, Microsoft препорачува корисниците што побрзо да преминат на Windows 11.
За оние кои сè уште сакаат да користат Windows 10, Microsoft нуди ESU (Extended Security Updates) програма. Обичните корисници имаат можност да платат 30 долари за дополнителна година безбедносни ажурирања, но нема да добиваат никакви нови функции.