Опцијата преку која NFC на iPhone може да послужи и за директно бесконтактно примање на плаќања е активирана во низа европски држави, откако беа отстранети сите неопходни регулаторни пречки за тоа.
Услугата Tap to Pay на Apple, која овозможува iPhone уредите да бидат приматели на бесконтактни плаќања, беше претставена пред три години, а на почетокот, како што обично се случува, беше достапна само во САД. Во Европската Унија беа потребни бројни регулаторни промени за да стигне и во нашите региони, но сега тоа постепено се случува. Apple објави дека Tap to Pay сега може да функционира во Словенија, Унгарија, Финска, Лихтенштајн, Полска, Португалија, Словачка, Швајцарија, како и во нашето непосредно соседство, Бугарија.
iPhone како POS терминал
Ова значи дека милиони трговци сега имаат можност да го користат iPhone како POS каса и преку него да примаат бесконтактни директни уплати. Во соработка со партнери, обезбедено е овие решенија да поддржуваат низа дебитни и кредитни картички (American Express, Mastercard, Visa…) и дигитални платежни услуги како Apple Pay. Сето тоа доаѓа исклучиво преку софтверска надградба, без потреба од дополнителен хардвер освен самиот iPhone.
Системот за примање мобилни плаќања е поддржан на моделите iPhone X и понови, а за користење на мобилниот телефон како мобилна каса, потребно е да се има компатибилна мобилна апликација. Меѓу финансиските апликации што го поддржуваат Apple-овиот систем Tap to Pay се, на пример, Revolut и Stripe, како и низа локални финансиски даватели на услуги на различни пазари. Доколку и македонските финтек компании или локални подружници на глобални играчи се вклучат во овој екосистем, можеби наскоро ќе можеме да го користиме Tap to Pay и на нашето пазариште.
Apple истакнува дека овој начин на плаќање е целосно безбеден и заштитен со енкрипција, исто како и Apple Pay во секоја друга ситуација. Сите трансакции на мобилните уреди се обработуваат преку посебен безбеден дел од чипот, а Apple нема пристап до информациите за тоа што се купува ниту кој го врши плаќањето. Откако NFC во Европската Унија, под закана од високи казни, мораше да биде отворен за надворешни програмери во Apple-овиот систем, многумина ја искористија оваа можност и воведоа поддршка и за Tap to Pay.