Од Кина пристигнува информација дека Sony развива сопствен голем сензор од 200 MP, кој ќе се користи за главните камери наменети за премиум смартфони планирани за оваа година.
Samsungовиот ISOCELL HP9 200 MP сензор беше успешен во перископските телефото камери, почнувајќи од смартфонот Vivo X100 Ultra, а потоа и во моделите X200 Pro, Xiaomi 15 Ultra и наскоро Vivo X200 Ultra. Исто така, 200 MP ISOCELL HP2 е дел од главната камера во Samsung Galaxy S25 Ultra. Тоа е сензор од 1/1.3 инчи, а новите гласини сугерираат дека Sony работи на поголем 200 MP сензор, кој ќе се користи во премиум смартфоните што ќе се појават на пазарот подоцна оваа година, односно во уреди што ќе бидат придвижувани од процесорите MediaTek Dimensity 9500 или Snapdragon 8 Elite 2.
Sony-евиот сензор ќе биде поголем од 1/1.3 инчи, што значи дека има потенцијал да биде подобар од Samsung-овиот, барем кога станува збор за можностите за апсорпција на светлина. За жал, во моментов нема повеќе детали, но е добро да се види дека Sony активно работи на обезбедување конкуренција на Samsung-овата понуда на 200 MP камери. Повеќе опции за купувачите може да значат само поголема корист за нив.