Еден град, симбол на урбаната одржливост во Европа, повторно е лидер во иновациите. Во главниот град на Австрија е во тек изградбата на најмоќната пумпа за дождовница во Европа, која ќе донесе револуционерно решение за заштита од поплави. Гигантската пумпа, која ќе може да испумпува дури 15.000 литри вода во секунда, ќе обезбеди подобра заштита од поплави за жителите.
Климатските промени носат сè почести и посилни врнежи, а канализационите системи на градовите мора да се прилагодат на новите предизвици.
„Одговорната политика значи да се мисли на идните генерации. Со оваа инвестиција ја зајакнуваме инфраструктурата за уште подобро да ги заштитиме жителите на овој град од екстремни врнежи“, изјави членот на градската влада за клима Јирген Чернохорски.
Во моментов, пумпната станица на Дунавскиот Остров веќе има капацитет од 40.000 литри вода во секунда. Новата пумпа, чија изградба започна во август 2024 година, дополнително ќе го зголеми капацитетот, обезбедувајќи уште повисоко ниво на сигурност за градот.
За време на силни дождови, канализациониот систем на градот се преплавува со дождовница која се меша со отпадните води од домаќинствата. За да се спречат поплави, водата брзо се пренасочува во реката Дунав со помош на моќни пумпи. Овој систем осигурува дека улиците остануваат суви, а домовите заштитени.
Покрај пумпата, ќе се модернизира и остатокот од станицата. Ќе биде поставена нова ИТ-опрема, соларна електрана на покривот и енергетски ефикасни системи. Пумпата ја произведува австриската компанија Andritz AG во соработка со EQ Energie & Bau GmbH. Монтажата започнува летово, а пуштањето во употреба е планирано за 2026 година. Со вкупна инвестиција од 8 милиони евра, ова ќе биде најмоќната пумпа за дождовница во Европа.
Во септември 2024 година, Виена доживеа едно од најголемите невремиња во својата историја. Тимот на градската служба за управување со канализациониот систем и отпадните води „Wien Kanal“ работеше без престан четири дена и три ноќи за да го одржи градот безбеден.
„Само за време на тие денови, нашите пумпи испумпуваа неверојатни 80.000 литри вода во секунда. Тоа е еквивалент на празнење на сите девет базени на најголемиот комплекс на базени во Виена, Стадионабад, за само две минути“, изјави директорот на Wien Kanal, Андреас Илмер.
Проектот не само што ќе донесе безбедност од поплави, туку ќе придонесе и за заштита на животната средина. Новата пумпна станица ќе користи еколошки прифатливи извори на енергија, вклучувајќи соларна електрана со капацитет од 260 kW на покривот, поекономичен систем за греење и подобра изолација на зградата. Со ова ќе се заштедат околу 50.000 евра годишно и ќе се намали емисијата на CO2 за 300 тони.