Apple доби нови барања од Европската унија во рамките на Законот за дигитални пазари (Digital Markets Act), кои се однесуваат на сеопфатни насоки за имплементација на интероперабилност, особено во однос на пристапот до iOS нотификациите и алтернативите за AirDrop и AirPlay.
Идните уреди со оперативниот систем iOS ќе мора да овозможат целосен пристап до системот за нотификации, привилегии за извршување во позадина, како и пристап до системските функции. Во моментов, овие можности се ексклузивни за Apple-ови производи, како што се AirPods слушалките и паметните часовници, но ќе мора да бидат достапни и за производителите од трети страни.
Производителите на слушалки ќе имаат потреба од пристап до системски функции, како што се автоматско поврзување и автоматско префрлање на звукот. Освен тоа, другите уреди треба да можат да користат слични функции како AirDrop и AirPlay.
Барањата вклучуваат и автоматско одобрување на пристапот до информациите за Wi-Fi мрежата, овозможување на NFC чипот за детали за платежните картички на корисниците, како и овозможување peer-to-peer Wi-Fi поврзување со висок проток.
Сите наведени функции ќе мора да бидат бесплатни за секој поврзан уред. ЕУ наложи дека framework-от и API-то мора да бидат достапни за компаниите од трети страни истовремено со нивното лансирање на Apple-овите уреди, што значи дека не можат да се воведуваат подоцна.
Временската рамка за имплементација на сите мерки укажува дека тие треба да влезат во бета фаза до крајот на годината, а потоа да бидат воведени до 2026 година. Се чини дека повеќето функции ќе бидат достапни во iOS 19, но само за корисниците во Европската унија.
Од Apple наведуваат дека овие одлуки „ја забавуваат способноста на компанијата за иновации“ и дека ЕУ ја присилува бесплатно да нуди нови функции на компании кои не мора да ги следат истите правила.
Компанијата од Купертино тврди дека неправедно е на мета на законот DMA, додека други „избегнуваат обврски“. Ова е прилично храбра изјава од компанија која заклучува основни функции, наплаќа за она што другите го нудат бесплатно и ги блокира иновациите на трети страни, освен ако не добие свој удел.



