Компанијата Vivo официјално го претстави смартфонот V50 Lite 5G, кој е многу сличен на 4G моделот, вклучувајќи голема батерија со капацитет од 6.500 mAh со поддршка за брзо полнење од 90W, но има понапреден процесор и подобра поврзаност.
Смартфонот го покренува процесорот Dimensity 6300, кој го заменува Snapdragon 685 вграден во 4G моделот. Овој процесор е спарен со 8 GB или 12 GB LPDDR4X RAM и 256 GB или 512 GB UFS 2.2 внатрешна меморија, но нема слот за microSD картичка.
Покрај поддршката за 5G мрежа, процесорот Dimensity овозможува користење на понов Bluetooth (v5.4 наместо v5.0). Од компанијата не е наведено која Wi-Fi верзија е поддржана, но најверојатно е Wi-Fi 5, како кај 4G моделот.
Vivo V50 Lite 5G има 6,77-инчен OLED екран со резолуција од 1.080p+, стапка на освежување од 120 Hz и светлина до 1.800 нита. Под екранот е вграден оптички сензор за отпечаток од прст, додека во централниот горен дел, во малиот отвор, се наоѓа селфи камера од 32 MP.
Камерите носат изненадување – на задната страна, главната камера од 50 MP (Sony IMX882, 1/2.0 инчи) е задржана, но сега е додадена и ултраширока камера од 8 MP. 4G моделот има само 2 MP сензор покрај главната камера од 50 MP. Aura Light блицот во форма на прстен е поставен помеѓу двете камери.
V50 Lite го напојува голема батерија со капацитет од 6.500 mAh, која ќе задржи 80% од капацитетот дури и по пет години користење. Кога е целосно наполнета, треба да обезбеди 10,5 часа гејминг. Во споредба со моделот V40 Lite 5G, батеријата има 1.000 mAh поголем капацитет и двојно побрзо полнење. Батеријата поддржува 90W полнење и се полни целосно за 53 минути, односно до 50% за 23 минути.
Уредот е отпорен на вода и прашина според IP65 стандардот, а од падови го штити „технологија на воздушни перничиња“ во сите четири агли. Нема влез за слушалки, но има стерео звучници.
Vivo V50 Lite 5G веќе се продава во Шпанија, а верзијата со 12 GB RAM и 512 GB внатрешна меморија чини 400 евра. Исто така, смартфонот е достапен преку онлајн продавници во Titanium златна и Phantom црна боја (која повеќе оди на потемна виолетова). Во понудата треба да се најдат и Fantasy виолетова боја со интересна текстура и Silk зелена варијанта.