Седумнаесет земји од Европската унија, вклучувајќи ги најголемите економии на блокот, сè уште немаат сеопфатни планови за намалување на зависноста од „високоризичните“ кинески технолошки компании Huawei и ZTE.
Оваа тема повторно добива на значење во светло на влошените односи помеѓу ЕУ и САД, што ја става безбедноста и суверенитетот во прв план. Намалувањето на ризиците во телекомуникациските мрежи е исто така приоритет за комесарката за технологија, Хена Виркунен.
Работен документ на Европскиот парламент од март, до кој дојде Euractiv, наведува дека „14 земји-членки сè уште немаат спроведено никакви ограничувања за високоризичните добавувачи, со што се создаваат значителни безбедносни пропусти.“ Европратениците размислуваат за можноста Европската комисија да го направи задолжително поставувањето на алатки за сајбер-безбедност во 5G мрежите според законите на ЕУ, за да ги натера земјите-членки да преземат итни мерки.
Според податоците што на 18 март ги објави данската телекомуникациска консултантска компанија Strand Consult, 17 земји-членки не го имаат целосно спроведено инструментот на ЕУ за заштита на 5G мрежите, кој налага забрана за користење на опрема од кинеските компании Huawei и ZTE во нивните мрежи.
ЕУ нема никакви планови за заштита на 5G инфраструктурата
Од овие 17 земји, шест делумно спровеле мерки, седум се во процес на имплементација, додека четири земји, пет години по усвојувањето на заедничкиот пристап на ЕУ, немаат никакви планови за примена на овој инструмент.
Најнеодлучни земји се Австрија, Бугарија, Кипар и Унгарија. Мрежите на Кипар во целост (100%) зависат од кинески компоненти, додека уделот во Австрија е 67%, во Бугарија 65%, а во Унгарија 62%, според податоците што порано оваа година ги објави Strand Consult.
Меѓу земјите со најголема зависност од кинеските телекомуникациски мрежи се издвојува Чешка (67%), каде што е во тек спроведувањето на заштитни мерки како дел од примената на новиот закон на ЕУ за сајбер-безбедност NIS2. Загрижувачка е и ситуацијата во Германија (59%), каде што Министерството за внатрешни работи во јули 2024 година делумно забрани некои 5G мрежни компоненти, како и во Грција (53%), каде што не постои формална одлука, но има неформален договор меѓу политичарите, регулаторите и операторите да не се користат кинески компоненти.
Посебно алармантна е ситуацијата во Германија, предупреди Џон Странд, извршен директор на Strand Consult, за Euractiv. Тој истакна дека една одлука на Комунистичката партија на Кина, која има длабоки врски со Huawei, би можела да ја парализира германската економија, предизвикувајќи широко распространети нарушувања низ целата ЕУ. Странд посебно укажа на германскиот железнички систем, кој во голема мера се потпира на компоненти од Huawei.
Зависноста на европските телекомуникациски мрежи од кинеските добавувачи (2022–2024)
Иако 17 земји заостануваат во спроведувањето на инструментот за заштита на 5G мрежите, податоците на Strand Consult покажуваат дека 18 земји имаат повеќе од четвртина од нивните мобилни мрежи базирани на високоризични компоненти.
Релативно безбедни се Словачка (15%) и Франција (13%), додека следните земји целосно ги ослободија своите мобилни мрежи од кинески компоненти: Данска, трите балтички држави, Луксембург, Малта и Шведска.
Три земји-членки целосно го применија инструментот за заштита на 5G мрежите, што имаше видливо влијание врз нивните мрежи. Уделот на кинеските компоненти во белгиските 5G мрежи во четвртиот квартал од 2024 година изнесувал 41%, што е значително намалување од 100% зависност во четвртиот квартал од 2019 година. Во истиот период, уделот на кинеските компоненти во романските 5G мрежи е намален од 61% на 44%.
Овие бројки сепак треба да се гледаат со одредена резерва, бидејќи 5G инфраструктурата во ЕУ сè уште е во фаза на изградба.
Мобилните оператори се соочуваат со двоен предизвик: мораат да ги заменат кинеските компоненти во постарите 4G мрежи, додека истовремено градат нови 5G мрежи без да се потпираат на кинески добавувачи.
Само неколку земји на ЕУ законски поставија рок за целосно елиминирање на кинеските компоненти од нивните мрежи, според извештајот на истражувачката компанија Cullen International од крајот на 2024 година, кој го доби Euractiv.
Дваесет земји немаат дефинирано никаков конкретен рок за нивните телекомуникациски оператори
Најважно е што само четири земји – Данска, Финска, Франција и Холандија – воспоставија компензациски механизам за покривање на трошоците за замена на високоризичните добавувачи.
Намалувањето на зависноста носи со себе и трошоци за транзицијата, но и повисоки цени за имплементација на европските алтернативи, како шведскиот Ericsson и финската Nokia, чии компоненти генерално се поскапи од кинеските.
ЕУ треба да воспостави индустриска политика за телекомуникацискиот сектор, вклучувајќи „инструмент со наменски финансиски и регулаторни механизми“, се наведува во ноемврискиот стратешки документ на лобистичката група Connect Europe, која застапува големи европски телекомуникациски оператори.
Бидејќи 5G инфраструктурата сè уште не е целосно имплементирана, операторите во земјите без специфични регулативи, како Австрија, Унгарија, Бугарија и Кипар, сè уште можат да користат кинески компоненти за изградба на нивните мрежи, анализира Euractiv.