Истражувачите постигнаа нов светски рекорд во ефикасноста на претворање на сончевата светлина во електрична енергија со помош на проѕирни соларни панели, односно соларни панели кои истовремено служат како прозорци.
Овој успех на меѓународниот тим собран околу проектот CitySolar претставува огромен поттик за продолжување на користењето обновливи извори на енергија. Во овој случај, тоа се однесува пред сè на претворањето на сончевата светлина во електрична енергија во облакодери, кои главно се целосно покриени со стакло.
Постигната е ефикасност од 12,3%, што е приближно на нивото на конвенционалните соларни панели. Ова е возможно благодарение на комбинацијата на органски соларни ќелии и „чудесниот материјал“ перовскит.
„Проѕирните соларни ќелии би можеле да бидат следниот голем чекор во енергетски интегрираните решенија за згради. Големите стаклени фасади на модерните деловни објекти сега можат да се користат за производство на електрична енергија, без потреба од дополнителен простор или структурни промени. Ова е огромна пазарна можност“, изјави професорот на Универзитетот на Јужна Данска, Мортен Мадсен, кој е еден од клучните луѓе зад овој успех.
Во рамките на проектот CitySolar за првпат е надминат главниот предизвик кај проѕирните соларни панели – рамнотежата помеѓу ефикасноста и транспарентноста. Комбинацијата на перовскит и органски слој им овозможува на ќелиите во панелот да собираат енергија од инфрацрвената и ултравиолетовата светлина, пропуштајќи ја светлината од видливиот спектар.
Според професорот Мадсен, овие материјали се многу достапни, што ги прави погодни за комерцијална примена. Проектот во моментов се наоѓа на ниво на технолошка подготвеност (TRL) меѓу 5 и 6, што значи дека е помеѓу докажување на концептот и прототип.
Европската унија го финансираше овој проект со четири милиони евра, надевајќи се дека ќе ѝ помогне во исполнувањето на целта за целосна декарбонизација на градежниот сектор, кој троши 40% од електричната енергија во Европа.
Оние кои стојат зад овој успех веќе разговараат со индустриски партнери за зголемување на производството на проѕирни соларни панели и нивна примена во идните градежни проекти. Како што истакна Мадсен, истражувањата продолжуваат за да се постигнат понатамошни подобрувања, но најважно е што тимот веќе ги идентификувал предизвиците и има стратегија за нивно надминување. За тоа, како што нагласи, им се потребни деловни партнери, пренесува Independent.